Попишаните

Да потсетиме во каква атмосфера помина последниот изведен попис во Република Македонија, во далeчната 2002 година. Да се чуди и крсти денешен човек, и за музика имало место!

Жестоко досадна недела нели? Што правиме?

Чекаме да не попишат. Е, јако еротска ствар. Секоја минута може ѕвончето да ми затрепери во правилен такт и да ми ги најави попишувачите, тие високо обучени типови кои се спремни мојот живот за 10 минути да го претворат во бројке и слова. Потоа, ќе ме растопуваат во графикони и ќе ме малтретираат во нивните прокрустови постели од анализи, тенденции и стапки. Сè додека не се препознам во оние сумарни извештаи: имам 1,8 деца, 42 проценти сум невработен, 72 посто писмен, 100 посто глуп, а се очекува да живеам некаде околу 65 кома 2 години, се разбира доколку некоја зоља во меѓувреме не реши поинаку.

Ама јас сум шејтан, јас сум спремен за нив. Знам дека треба уште на врата да ги претресам од глава до пета, шеста и седма. Ако не дојдат денеска, утре ќе бидам уште поподготвен за средбата. Реално е да очекувам вечерва на вести да добијам уште некој совет за борба со попишувачите. Секоја вечер даваат по нешто такво, како совети за домаќинки: како да му го одземеш моливот на попишувачот, како да не ти загори формуларот, како најлесно се вадат трагови од плајваз на мушамата во кујна, каква статистичка мантра треба да изговориш за да ја поништиш црната магија дека домашниот наталитет ќе ти опаѓа ако попишувачот ти влезе со лева нога во стан...

Инаку, пописот знае да биде забавна работа. Едно мое пријателче на времето беше попишувач со јурисдикција на статистичката епархија Шутка и Топаана. Месец дена правевме ономатички заебанции одушевени од креативноста на кумовите во Шутка. Цели генерации Сандокани, Маријани и Мадони. Точно знаеш кој кога е роден ако знаеш во која година се давала некоја серија. Нај-нај беше еден тип што синот го крстил Џибиел. Мојов пријател бил малку изненаден од името па потпрашал: „Како тоа Џибиел”? Гордиот татко веднаш разјаснил: „Џибиел бе, како оние звучниците”! Испаднало дека човеков на времето купил звучници од горенаведената марка и тие толку му се бендисале што решил во нивна чест да го крсти својот син! Живми сè, вакви работи ми враќаат верба во народов. Сè додека има мераклии меѓу нас, може душманите за басот да ни се фатат.

Но, да останеме уште малку во таинствениот свет на бројките. Прочитавте дека секој втор човек ја поддржува владата на Бранко нели? Овој податок скроз ми ја размести перцепцијата. Цело време рачунам во чифт-тек. Чекај, ако јас сум меѓу оние што ја поддржуваат, значи ли тоа дека секој што ќе ми пријде автоматски мора да е против владата? И, значи ли тоа дека треба одма да му врзам кавга, уште пред да бекне? На улица гледам парови и им се чудам на паметот како може да се држат за рака, кога знаат дека се од различни табори? Или, што да правам кога кмишам во некој ред? Според Галуп, се наоѓам во сендвич меѓу двајца политички неистомисленици.

Мајку му, зошто ли тие мислат поинаку, кога и ним и мене, животот ќе ни пројде чекајќи во истите редови?

Ама да ја оставиме таа енигма да си ја решавам на само. Јас не се сомневам дека новата влада има голема поддршка. Само ми се чини дека истите тие што рекле дека ја поддржуваат оваа Влада, да ги прашаш дали ДУИ треба да биде во владата мртви ладни ќе ти речат: Не, никако! И како сега да го објасниме овој парадокс? Што знам јас како, фино ви реков дека вербата во овој народ само одвреме навреме ми се враќа.

Туку, знаете ли јас како фаќам телевизија? Сигналите од нашите концесионери ги ловам со помош на еден софистициран систем кој се состои од бакарна жичка сосила напикана во антенскиот приклучок на телевизорот. Што да ви кажувам, ме бива за такви работи. Пред некој ден, случајно ја мрднав жичката и пред моите очи се распосла сигналот на музичката телевизија МС! Додека си рекол Ристе од Припор, јас си најдов нови естрадни јунаци. Запамтете ги овие имиња: Брајан, Славиша и Тино!

Брајан има ипсилон во името, две долги шишки и некаква нелогичност во конфигурацијата на лицето која никако да ја одгатнам. Спотот му е направен според сите македонски ИСО стандарди. Немаме идеја, ама затоа имаме боја: дај жолта, дај плава, појачај тоа блурот и пушти го Брајан да ги ниша своите шишки и да го клати својот ипсилон среде некоја кафана, а околу него демек ќе шизат некои јадни девојчиња, уверени дека прават нешто паметно во својот живот.

Славиша пак е дизајниран како бивш порно глумец од Б категорија. Врз голите гради светнати како кај пеливан, наметнато бело сако. Славиша пее сè нешто потпрен на некој објект, а за цело тоа време неговите палци темелно и доследно се забиени во гајките од панталоните. Потоа, го брцаат Славиша во базен сосе кошула, па го пуштаат да вози кола, каде што тој продолжува да пее. Прашање на ден е кога ќе го начекате Славиша на некоја раскрница, онака распеан и мокар, чека зелено за да тргне кај шнајдерот за да му ги потшие гајките.

Тино колку што забележав, има дури два спота. Во првиот, тој и девојка му душата си ја вадат од лапање. Од прва до последна секунда. Уметничката вредност на спотот може да се изрази со кофите птијалин кои се потрошиле за негово снимање. А после таква дехидрација, не е чудно што во вториот спот Тино го фаќа срце. Баш кога се симнува по скали. Па Тино се фаќа за гелендерот, невешто тетеревејќи се надолу. Џабе. Доаѓа до еден ѕид и почнува да се лизга по него. Истовремено, таму некаде, неговата девојка, келнерка по професија, телепатски дознава дека на Тино не му е арно и панично го испушта послужавникот. Чашата лета кон подот, чашата се одбива од подот, чашата го продолжува својот возбудлив и пред сè пластичен живот. Но, Тино ја нема таа среќа. Иако девојката му стигнува, неговото срце неповратно е скршено, па нејзе не и останува ништо друго, освен да ги закопува долгите нокти во своето расплакано лице, гледајќи во камерата, тоест во нас, тоест во Тино.

Феноменално! Апсолутно феноменално!!! Колумнист со вакви јунаци нема причина да се секира за својата иднина. Каков попис, какви бакрачи. И онака јас и мојата жичка одамна сме попишани, само што не сакавме тоа да ви го кажеме порано. Од каде да знаеме, можеби ви пречат србизми.

Трендо, 2002

10 март 2021 - 10:13