Не сакале да имаат преполни болници, а не им пречи дивеењето на короната низ државата. Па уште ќе формирале комисија за да ги испитува причините за покачената смртност.Е па, господа, најдобриот начин за намалување на смртноста е преку намалување на заразувањето.
Еве мала помош за да сфатите од што зависи бројот на инфицирани денес. Тоа најлесно ќе го опишеме со формулата:
Nd=Na*Nk*Pz, каде:
Nd е број на новодијагностицирани денес;
Na е број на активни случаи (оние што можат да го пренесат вирусот), откриени и неоткриени;
Nk е просечен број на контакти што еден човек ги воспоставува во одреден период, конкретно откако станал заразлив па додека е дијагностициран и
Pz е веројатноста еден заразувач да зарази еден свој контакт. Оваа веројатност зависи од хигиенските навики, дисциплината и слични фактори, а помножен со Nk практично го дава Re, ефективниот репродукционен број.
Сé додека Na е мало, односно вирусот не е во широка циркулација (како на пример во Струмица до пред 1-2 недели), без разлика колкав е бројот на контакти и веројатноста од пренос, ќе има мал број на новозаразени. Но, кога еднаш вирусот ќе започне да циркулира, бидејќи бројот на контакти статистички е константен, а веројатноста од зараза Pz (при дадени навики) исто така е приближно константна, ќе има големи дневни бројки на заразени.
Кога ситуацијата многу ќе забега (а најдобар критериум е 14-дневната кумулативна инциденца на 100.000 жители, како и репродукциониот број R0, иако тој не ја дава брзината, туку само забрзувањето на ширењето), тогаш единствено чаре е намалување на циркулацијата на вирусот преку намалување на бројот на активни случаи. Во услови кога нема вакцина ниту има дисциплина, единствениот испробан и проверен начин е со помош на локдаун (заклучување).
На тој начин привремено се намалува бројот на контактите Nk, но тоа не е најважното (секако на долг рок тие пак ќе се воспостават), најважното е што ќе се спречи пресимптоматската трансмисија и нагло ќе се намали Na. Тие коишто биле инфицирани во тој период ќе покажат симптоми, но нема да можат да заразат други. Дури и да не се примени тотален, тринеделен локдаун, доволно е еднократно да се притисне на сопирачката и да се намали бројот на заразувачи Na. Тоа го видовме за време на велигденскиот локдаун, кога од 117 нови случаи на Велики четврток дојдовме до 6, 16, максимум 25 случаи целиот нареден месец. Значи, со еднократно, макар и некомплетно сопирање постигнавме ефект кој траеше цел месец, иако бројот на контакти Nk беше вратен на нивото пред локдаунот. Клучно беше намалувањето на бројот на заразувачите, Na. Истото, само со радикален 42-дневен локдаун го направија во Италија, Шпанија и други загрозени европски земји и потоа беа раат неколку месеци, додека животот течеше релативно нормално.
Да се вратиме на нашиот случај. Кога бројките почнаа полека пак да се поткреваат, наместо да ги укинат сите мерки околу Рамазан бајрам (кардинална грешка!), требаше повторно да се воведе ограничување на контактите, макар со ноќно затворање, ако не преку викенд.
Сега глумат лудило, ќе ги испитувале причините за катастрофата, а работата е толку едноставна, па ова не е атомска физика!
Најдобро од сé би било да имаат цврсти правила (алгоритам) за автоматско прогласување на 4-дневен локдаун кога 14-дневната кумулативна инциденца на 100.000 жители ќе премине определен праг, на пример 40 или 60 случаи на 100.000 жители за 14 дена. Населението ќе може да ги следи бројките на дневна база (на пример преку бројчаникот на Заев на Триумфалната капија) и точно ќе знае дали е преминат прагот и што следува за викенд.
Ако има дисциплина, можеби локдаунот никогаш нема да треба да се активира, но ако нема, локдаунот да се активира механички, без никаква политизација, пазарење, лутење и т.н.
Арно ама, прост народ - силна држава. Затоа не треба да се чудиме што сме тука, каде што сме.
А во врска со комисијата за испитување на причините за смртноста, да ги потсетам на основното правило на менаџментот: ако знам што да правам, тоа и го правам. Ако не знам, формирам комисија. Комисијата секако нема ништо да реши.