Каков опис добивме со ваков попис?

Овој попис не само што потфрла во својата основна цел да го преброи населението со цел ефикасно планирање на социо-економски политики, туку претставува и преседан поради кој во иднина ниту една влада нема да може да спроведе нормален попис.

Заврши пописот фушерајски како што и започна. Фрливме во ветар 8,5 милиони евра, за денес повторно никој појма да нема колку жители навистина има во Македонија.

1,9 милиони жители, вели ДЗС, и 200.000 во дијаспората, но всушност овие бројки значат: 1,9 милиони матични броеви кои ги пријавил некој кој живее во Македонија, за кои никој точно не знае каде живеат, и 200.000 матични броеви кои сами си се пријавиле онлајн, од кои некои живеат дури и на Антарктик.

Чисто за споредба, кредибилни организации како Светска Банка велат дека од последниот попис во 2002 година па наваму од Македонија се иселиле околу 500.000 жители, што би го свело бројот на население на околу милион и пол. Дури и таа бројка на евидентирани 1,9 милиони не е веродостојна, бидејќи како што се закани денес Маричиќ на бојкотирачите, и тие ќе биле попишани. Со други зборови, попишувањето воопшто не зависи од вас, бидејќи тие ве имаат веќе во базите на податоци, како Матичната книга на родени и умрени, и доколку сакаат, ќе ве попишат - нит им треба дозвола, нит потпис, само матичен број.

Оваа методологија на попишување е без преседан насекаде во светот. И не само во светот, туку и кај нас на сите претходни пописи експлицитно стои дека се попишуваат само резиденти и лица со привремен престој во странство *не повеќе од 12 месеци*. Овој клучен критериум за престој беше целосно отстранет со цел да се набилдаат нови етнички квоти по мерка на коалицијата СДСМ-ДУИ за клиентилистичка прераспределба на државните ресурси, додека бесрамно лажеа дека ништо се нема променето во методологијата од порано.

Овој попис не само што потфрла во својата основна цел да го преброи населението со цел ефикасно планирање на социо-економски политики, туку претставува и преседан поради кој во иднина ниту една влада нема да може да спроведе нормален попис. Секој обид реално да се преброи резидентното население ќе наиде на бојкот од албанските партии, кои ќе речат: Не го важиме, еве видете во 2021 како сме ги броеле сите од дијаспората.

Сè додека Македонија е држава во која вработувања се делат по етничко-партиски клуч наместо компетентност и се додека јазичните права ни зависат од проценти, ние нема да можеме саглам да спроведеме ниту една елементарна статистичка операција, а камо ли некоја друга посуштинска реформа. Сè дотогаш Македонија ќе биде заробена држава од страна на етно-трибалистички поглавари кои ќе нè замајуваат со проценти, додека ние се пребројуваме, натегаме, ценкаме, и оспоруваме, што неминовно ќе води кон понатамошни етничка поделби и конечен распад на државата.

Единствена долгорочна алтернатива на овој исход е темелна ДЕЕТНИЗАЦИЈА на државата и де факто отфрлање на Рамковниот концепт на држава во која живеат граѓани кои се „дел од други народи“, и конечно да почнеме да градиме една нација која ќе говори на два јазика ако треба, но во која нема да биде важно што си по етничка припадност, туку што со по струка и колку си способен. Easier said than done, за ова потребна е политичка храброст и кај двете заедници. Јас сум песимист, но според мене така стојат работите.

Горан Лазаревски

********
Бонус:

Пописот завршен - да се казнеле оние кои одбиле да се попишат! ... гласи веста. ОК... Вака...

Живеам во Скопје, улица Јордан Мијалков, општина Центар. За време на пописот никој, ниеден попишувач ниту дојде, ниту помина, ниту остави белешка каде да го побараме за да се попишеме, јас и семејството! Строг центар на градот. Зборувај ми за успешен попис?!?!?! Убеди ме дека е реален?!?!?!

Најверојатно сега ќе се обидат да ме казнат ама на добар пат сум и кај адвокат да се бранам, а преку некои канали и да дознам кој биле попишувачи за мојот реон и какво оправдание и доказ ќе дадат дека не сум сакал да се попишам. Згора, спремам и контра-тужба, дека намерно сум изоставен заради ...јавашлук, намерно игнорирање, местење на резултатите (!?!)

Сите пописи кои биле минативе 6 децении никој никогаш не не утнал - како бе сега?

Живеам на 25м од Министерството за Здравство, карши, Лимак Хотел.

Јанко Илковски

********
Види и:

Попишаните

1 октомври 2021 - 08:18