Како е формирана мрежа на фирми, како се делеле и трансферирале „позајмици“, како се одобрувале ненаплатливи кредити, кој на кого и кога му се јавил, како биле подарувани кредити беа соодветни покритија за одредени солени надоместоци, како се делеле меници, како се правени лажни процени на хипотеки. Освен главните носители и организатори на криминалот, Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски, постојат и други лица кои се директно вклучени во грабежот на депозитите од банката. Веруваме дека овие сопственици ќе имаат прилика и можност нивните изјави да ги дадат на суд во скоро време.
А ние ќе продолжиме да ги објавуваме фирмите и нивните лидери кои земале кредити под ненаплатливи услови и никогаш не ги вратиле. Домашната јавност и оние во Брисел заслужуваат да ја слушнат вистината за организираниот и толериран криминал и високата корупција во државава преку факти.
Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, друштвото за експлоатација на камен, трговија и услуги БКД-М дооел Скопје е фирма која е должна према Еуростандард банка околу 960 илјади евра. Не платила ништо 742 дена односно две години пред затворање на банката. На оваа фирма се води хипотека на деловен простор и друг недвижен имот со проценета вредност од околу 600 илјади евра.
БКД-М дооел е основана во јули 2008 година, со паричен влог од 5 илјади евра. Седиштето на фирмата е во општина Аеродром во Скопје и е депонент на Комерцијална банка.
Според билансите, оваа фирма е деловно неактивна. Последни регистрирани приходи на фирмата во 2015 година изнесуваат околу 14 илјади евра и добивка од неполни 4 илјади евра. Во фирмата нема вработени.
Како е доделен кредит од близу еден милион евра на деловно неактивна фирма, сега и кандидат за затворање? Немала ниту приходи кога е земен кредитот. Кои се тие лица од Еуростандард банка што го дозволиле овој грабеж и зошто за истиот се молчело долго време? А и сега сè уште се молчи.
А сега доаѓа и најинтересниот дел. Сопственик и управител на фирмата е Џеват Ајдиновски. Тоа е истиот оној сопственик и управител и на фирмата ЏМС Транспорт дооел увоз-извоз од општина Арачиново, за која фирма веќе објавивме дека е должна према банката 830 илјади евра и нема платено 742 дена, исто толку долго како и фирмата БКД-М дооел.
Според извештајот за банката од стечајниот управник, обезбедувањето за кредитот за фирмата БКД-М дооел било одобрено и како обезбедување на кредитот за фирмата ЏМС Транспорт дооел увоз-извоз. Односно, користен е еден ист инструмент за обезбедување, и тоа несоодветен, за два кредити земени од две фирми поединечно. Или вкупно 1,8 милиони евра за обезбедување што е проценето на 600 илјади евра или три пати помалку. И двете фирми не биле ниту бонитетни ниту имале приходи кога им се доделени кредитите. Што е ова ако не чист КРИМИНАЛ!?
Дали некој од истражните органи разговарал со раководните лица од банката, Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски и сопственикот на овие две фирми, Џеват Ајдиновски, како се поделени нашите лични парични средства и каде завршиле истите?
Вакви криминалии во банката има повеќе. Срамно е како државата преку Народна банка го дозволила овој организиран масовен грабеж. Се крадело кој и како стигнел. И грабежот се толерирал од гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.
Во најновиот извештај за човекови права, американскиот Стејт департмент посочува дека обвинителите во нашата земја често ги пробиваат законските рокови и за тоа не сносат никакви последици. Поминаа осум месеци од затворањето на Еуростандард банка. И понатаму упорно се молчи додека познатите криминалци шетаат слободно уживајќи со нашите украдени пари.
Ќе има ли правда? Кога?
Продолжуваме понатаму.
Здружение на оштееетени штедачи на Еуростандард