Дојдете на промоција кај Џовани

Едноставна, животна, искрена - таква е поезијата на Јовица, на која поголемиот дел од оние што сакаат да се нарекуваат македонски поети не ѝ се ни до колената. Во неговата биографија на крајот на оваа нова книга пишува: „Сè уште живее и работи во Скопје“. Фала богу, додаваме, инаку што би правел овој град без него?

Во среда, 27.04 од 21 часот во клуб-ресторанот МКЦ, ќе се собереме за да се дружиме и да слушнеме стихови од новата збирка на Јовица Ивановски, „Морето ми е до колена", во издание на Табернакул. Промотор ќе биде Душко Крстевски, а стихови ќе читаат Илина Букбокс, Владимир Јанковски, Николина Андова-Шопова и Петар Андоновски.

За да се загрееме воочи настанот, една човечка песна, за оние кои не заборавиле да бидат луѓе.

УЧАМ ДЕКА НЕ ЗНАМ

Имам само едно небо над мене
и две раце што мавтаат во празно.
И далечините, зарем би копнеел
по нив доколку ми се блиску?
Височините и мојата испружена
рака што менува и прегорена сијалица
Длабочините и сите потонати сништа.
нема цел што не можам да ја промашам.
Го слушавте ли пророкот кој пророкна
дека до мене нема да стигне неговиот глас?
Отворените патишта и мојот тесен кревет -
сè помалку луѓе во мојот отворен свет.
Полната месечина е немилосрдна,
осветлува што треба и што не треба.
Секојдневно, одново учам да бидам човек,
во меѓувреме им се радувам на луѓето
кои не заборавиле дека се луѓе.

Јовица Ивановски 

ФБ настан тука 

25 април 2016 - 16:52