Едното ниво кое мене ме чеша во тој исказ е дека во тоа време, поимањето на документарната филмска форма кај нас, генерално беше на ниво на телевизиски продукции од назови забавен карактер. Второто ниво е што Куршумли ан во тоа време беше потполно обраснат, заборавен како потенцијал за јавни настани, како и чаршијата генерално. Првите години се пењавевме и на скопјани да објасниме каде, како и зошто се случува МакеДокс. Таа година прв пат бевме на море (и последен!) во Албанија, јербо-поефтино (за нас не испадна така :), пошто имавме буџет, веровали или не, за 7 дена фествал со еден тон гости, помал од 10К $ (и мене не ми се верува сега, ама така беше) и нормала дотуравме понешто од џеб.
И затеравме. Тврдоглаво затеравме, со некоја идеја кај нас да се прикажат посериозни, авторски документарци, да градиме публика која ќе сака да ги гледа и можеби, на местата каде се учи филм, документрната форма да добие посериозен третман, и луѓето да почнат и кај нас да снимаат асолни документарци. Првите години навистина немаше некоја поголема посетеност, но мислам дека на сите ни беше некако јасно, дека вложениот, често и брутално физички труд, се исплати на некое ниво, дека нешто направивме, можеби и не скроз свесно. Некако зафативме сè да праиме како од инает, да поставуваме барања нештата да се направат на потешкиот начин, наместо да потклекнеме и да прифатиме сопки испречени пред нас од мрза, интерност, бирократија и можеби од страна изгледало тенденциозно, но едноставно не водеше некој инает дека може и подобро од...
Наместо фенси конференциски сали да збираш светски познати фаци под смоквата во Куршумли, наместо пенливи вина да нудиш чајче од 10 денари, да думаш како да се зготви за цела екипа и гости (гладна орда!) што може поефтино, а притоа богами и вкусно. Како да направиш хоризонтална структура во екипа, а сето да не се распадне на парампарчиња, како да поттикнуваш луѓе да се внесат до коска, а да не им понудиш (мрсни) хонорари. Како да истераш 9 изданија без да дозволиш шајни светлечки реклами, преплавеност од банери и да го претвориш фестивалот во реклама на некоја корпорација, а лицемерно да прикажуваш ангажирани содржини. Колку и да сум свесен дека ова сето звучи како лигав хвалоспев, не знам како поинаку да го напишам сето, а да ми звучи ко_шо_треба.
Од оваа перспектива, понекогаш и тешко ми е да поверувам дека некои луѓе кои се сега дел од стандардната екипа почнале како изгубени волонтерчиња, а децата ни пораснаа во суртуци во меѓувреме, брѓави и прашњави од чистење на анот, заедно со нас. А има ли подобра потврда дека нешто сме боцнале, можеби и без да знаеме од тоа што еден македонски документарец годинава направи парче на Санденс, или дека предминатата година, картите за отворањето се распродадоа за 20тина минути, а ние, ашљаци неспремни на такво нешто, дур стопиравме онлајн продажба, се продадоа толку карти, што моравме да ги замолиме гостите и екипата, за време на проекцијата да го напуштат Куршумли ан, затоа што просторот физички не може да збере толку многу луѓе? Или тоа што оваа година на програмата ќе имаме дури девет документарци од македонски автори/авторки?
И да се разбереме, барем според мои сознанија, никој од нас не претендира да е Флоренс Најнтингејл или Мајка Тереза. Сето наведено и (уште повеќе ненаведено), е правено од мрза и хедонизам, верба дека нештата за да се случат не мора да се имаат строги СВОЗ стресови ко во невалидна организација, дека правиме фестивал каков што и самите би сакале да посетиме, да ни е што е можно поубаво и мерачки, и верувам, дека и покрај сета пот и прашина, на голем дел од луѓето што доаѓаат на МакеДокс, им е навистина ретко убаво.
Ова е мојата честитка за десеттиот роденден на МакеДокс, според сите хороскопи, од година ќе мора да бараме нов простор. Како и да се склопат коцките, за мене лично, да се биде 10 години дел од вакво нешто, било сериозен, исполнувачки и пред се, личен предизвик. Од година – здравје, ќе видиме како. Бимбериќатверсен!
Сашо Алушевски