Пред само пар недели актуелниот портпарол на владата објави колумна во која ги повика опонентите на ерга омнес промена на името на цивилизирана и културна јавна дебата.
Во прилично помирителен тон, во таа колумна ќе апелира:
"Доста е. Навистина е доста, време е да се издигнеме над стереотипите „на комшијата козата“. Слободно бидете против договорот за решение на името и тоа кажете го јавно, напишете го, мобилизирајте јавност и граѓани да ве следат. И не треба да бидете етикетирани. Никој не треба да биде етикетиран како: неписмен, вмрон, комуњар, предавник, каур, арнаут… Доста е, луѓе."
Но, што се случува после овој витешки апел? Објавуваме на офф.нет видео од режисерот Дарко Митревски (види овде) и одеднаш - пиф, паф, пуф! - целата таа демократска галантност ја снемува! Миле се пишмани па на својата Фејсбук страница му упатува порака на Митревски:
"..еве да ти кажам директно....кога ќе умреш син ти ќе те спомне ќе се сеќава на тебе затоа што знае по некој збор македонски и се лизгал на скопските игралишта колку толку, али внуците ќе ти зборат на друг јазик и не дека нема да се сеќаваат али ама баш ништо нема да им значи јазикот на кој си творел...дрво без корен ќе си...коренот е овде ДОМА."
Тешко е да се наброи што сè е језиво во оваа порака:
- Дали јазикот со кој се обраќа еден висок владин службеник?
- Дали фактот дека се потегнуваат умирачки, синови и внуци на лично мислење на еден уметник?
- Дали морбидната порака "кога ќе умреш" искажана од некој што ветувал "живот за сите"?
- Дали тоа што се изразува убеденост дека јазикот на кој твореле и творат Македонците ќе биде баш безначаен за само една-две генерации?
- Дали ставот дека целата македонска дијаспора е "дрво без корен"? Оособено оние последни 500-600 илјади за кои сегашната владеачка партија во времето кога беше опозиција лееше крокодилски солзи, па се оставаа ципели пред Влада и сл. (сега треба некои заебанти да го повторат истиот перформанс, пошто, ваљда само прашање е на ден кога тие луѓе ќе се вратат и ќе си земат чевлите).
Не така, Миле. Човек може да помисли дека ова твоево е баш она што го мислеше Заев кога викаше „Знаеме кои се ЗА, сега да видиме кои се ПРОТИВ?“ Ќе видите кој е против и ќе им баете за нивните синови и внуци, само затоа што денес го имаат оној став кој вие го имавте години и децении наназад?
На крајот на краиштата, што па толку па те испровоцира во мислењето на Митревски? И онака поводот беше 4-ти јули, денот кога тој помислил на Македонија а вие помисливте на Америка кога бевте кротко наредени пред нејзината амбасада.
Олабави тоа малку Миле. Не може со сите нас така, ваљда ти е јасно.
Ајде Рамбо: