Интервју со д-р Фанка Гилевска, хирург на рефрактивна хирургија „Систина Oфталмологија“

Ласерска корекција на диоптрија

Идејата за хируршко ремоделирање на окото со цел корекција на рефрактивна аномалија (диоптрија) е стара повеќе од 100 години. Последните 60 години напредокот е брз и конкретен преку развојот на модерни техники во рефрактивната хирургија.

Развојот на Excimer - ласерите се револуцијата во ласерската корекција на диоптрија, прво преку методата PRK, а потоа и најизведуваната и најпозната метода за ласерска корекција на диоптријата LASIK. Напредокот на технологијата понатаму со вовдеување и на Femtosecond ласерот во оперативниот зафат ја поместува рефрактивната хирургија од зоната на естетика кон зоната на тераписка хирургија. Ласерот станува моќна, прецизна, безбедна алатка за корекција на диоптријта, но и за поправање на неправилности на рожницата, третман на лузни и севкупно подобрување на видната острина.

За пациентите чија диоптрија е преголема, револуционарно откритие се факичните интраокуларни леќи (ICL) со кои освен што иреверзибилно се корегираат високи диоптрии и астигматизам, се зачувува и акомодацијата. Кај високите диоптрии ваквите леќи се супериорни во однос на резултатите во видната острина и задоволстовто на пациентот.

1. Која од методите кои ги спомнавте погоре се применува во „“Систина Офталмологија““?

Д-р Ф.Гилевска: „Систина Офталмологија“ во рефрактивната хирургија е апсолутно во чекор со светот и технологијата. Сите методи за корекција на диоптртијата кои се достапни, кои се проверени и потврдени се користат кај нас. За секоја метода постојат идеални кандидати.

2. Од кога постои Одделот за рефрактивна хирургија во вашата болница?

Д-р Ф.Гилевска: Одделот е основан 2015 та година, како заеднични проект на Клиника Свјетлост од Загреб и Систина офталмологија од Скопје. Го сочинуваат доктори од Систина офталмологија, доктори кои своето школување и дел од работното искуство го стекнале во Хрватска и соработници од Загреб. Успешна операција подразбира задоволен пациент. Тоа е нашето мото

3. Како изгледа прегледот за ласерска корекција на диоптријата?

Д-р Ф.Гилевска: Прегледот за ласерска корекција на диоптријата трае околу 2 часа. Почнува со детален разговор со пациентот, потоа следи снимање на Пентакам, корекција на диоптријата со очила, мерење на очен притисок, преглед на очно дно и завршува повторно со детален разговор.

4. Зошто е потребен детален разговор два пати, што се разговара?

Д-р Ф.Гилевска: Прегледот почнува со разговор во кој ја откриваме медицинската историја на пациентот. Важно ни е дали имал операции, како закрепнал, дали пие лекови, дали има алергија на некој лек итн. Еднакво важно ни е која е неговата професија, кое му е хоби, планови, спорт. Разговараме за причината зошто сака да се оперира, кои се очекувањата по зафатот, дали се планира скоро бременост и колку време е стабилна диоптријата. Во текот на прегледот ние утврдуваме за која метода е тој пациент идеален кандидат. На крајот на прегледот разговараме околу методата која ја предлагаме. Пациентот по прегледот е многу детално информиран за интервенцијата која му ја предлагаме. Точно го знае оперативниот тек и процесот на закрепнување и очекувањата по зафатот, утредента, по недела, по месец.
Ни се случува, пациентот кога е на операција да го знае чекорот кој следи, пред да му го кажеме. Тоа е затоа што на прегледот веќе добро сме ги разработиле сите чекори на оперативниот зафат и пациентот е навистина спремен.

5. Што е тоа Пентакам ?

Д-р Ф.Гилевска: Пентакам е клучна машина за дијагностика на болести на рожницата. Тоа е томограф кој дава тродимензионален приказ на рожницата дополнително пресмтувајќи ја и нејзината густина. Со него се откриваат болести на рожницата, но и скриени состојби кои се само предиспозиција да се развие болест во одредени услови или провокација од околината. Со оглед дека ласерската корекција на диоптријата е метода во која се оперира рожницата, наодот на пентакам кај секој кандидат за ласерска корекција на диопттрија мора да е совршен. Критериумите се строги и нема исклучоци.

6. Зошто се шири зеница, кога операцијата е на рожницата?

Д-р Ф.Гилевска: Ширење на зеница ни овозможува да ја провериме вистинската диоптрија на окото (исклучувајќи ги од активност очните мускули за акомодација). Со тоа откриваме и постоење на скриена диоптрија или различна диоптрија од онаа што се манифестира, и гарантираме за точноста на диоптријата што сме ја одредиле. Втората причина за ширење на зениците е преглед на очната позадина односно детален преглед на целата ретина. Лицата со висока диоптрија често имаат тенка ретина која има предиспозиции за дегенерации, а со ширење на зениците, тие дегенерации ги откриваме и третираме пред интервенцијата за корекција на диоптријата.

7. Колку трае целата интервенција?

Д-р Ф.Гилевска: На денот на интервенцијата, пациентот е во нашата болница околу 45 минути. Тој ден, уште еднаш ја проверуваме диоптртијата, повторно разговараме со пациентот и ја објаснување постапката. Капеме анестетски капки и пациентот влегува во операциона сала. Самата интервенција трае околу 10 минути. Секој пациент по интервенцијата го учиме како точно да става капки. Му даваме терапија за дома која се само капки за навлажнување на очите и антибиотски капки и добива упатства за постоперативните препораки во првиот постоперативен период. По ласерската корекција на диоптрија, пациентот си заминува дома со отворени очи и веќе гледа без помагало.

8. Што не смее да прави пациентот во постоперативниот период?

Д-р Ф.Гилевска: Најважно е првите 5 дена да не ги трие очите, да не ги мие очите со вода и да внимава на личната хигиена. Првата контрола е утредента и често велиме дека по контролата може да се излезе на кафе или на прошетка, но да се носат капките со себе. Втората контрола е по 4-5 дена и по неа пациентот може нормално да се врати на сите работни обврски вклучувајќи и работа на компјутер. Во периодот што следува се е дозволено, но внимателно. 

9. Како би ја опишале ласерската корекција на диоптрија денес во „Систина Офталмологија“.

Д-р Ф.Гилевска: Ласерската корекција на диоптрија е брз, безбеден, безболен и траен начин да се ослободите од помагалата (очила или леќи) и да гледате одлично без нив.

Во услови на Ковид-19: Доколку имате дополнителни прашања или можеби некакви други симптоми за кои сакате да се консултирате со офталмолог, слободно побарајте го нашиот дежурен офталмолог отворената телефонска линија 072 268 874 (достапен и на Viber/WhatsApp). Нашиот офталмолог е достапен секој ден и викенд од 08 до 20 часот.

(Комерцијален текст)

4 април 2020 - 10:14