Ништо на светот не звучи понепилешко од пилешки мус. Мусот, генерално асоцира на чоколадо, затоа што широката потрошувачка така го пласирала ем форсирала. Тој е иначе прв братучед на паштетата. Мање-више се исти, се разликуваат во текстурата и зачините. Мусот е покремаст и не толку густ. Самиот збор значи ‘пена‘. Значи чим постои пилешки мус би требало да постои и чоколадна паштета. Не ви се допаѓа идејата? Па, штета!
Старошколскиот марифет за правење пилешки мус е изнутриционистички: пилечи џигери сомелени на најфино. Некои додавале и желатин за да се добие шампионскиот ‘пача‘ ефект. Но ние одиме на побезболна варијанта: Ќе наполниме пилешки стекови со мус направен од самите стекови со неколку дополнителни волшебни додатоци.
Килограм пилешки гради. Сите сме приметиле дека на секој пилешки стек има едно мало парче месо кое ‘штрчи‘. Сум приметил дека многу луѓе го отсекуваат и го фрлаат. Но оваа рубрика е поддржувач на ‘0% губиток‘ тактиката.
Затоа ги сецкаме овие парченца и директно ги сместуваме во блендер. Додаваме едно јајце, сол и бибер.
Од тука имаме две опции: - горгонзола и рузмарин (како шо е на сликата) - камембер и власец (мој личен фаворит).
И двете варијанти се екстра, зависи кое миризливо сирење ви е понемиризливо. Блендираме. Добиената смеса ја префрламе во слаткарски калап за филување. Прашајте баба, мајка или слична женска роднина, сто посто имате по дома во некоја заборавена фиока. Мусот ни е стокмен.
Се враќаме кај стековите. Со нож им правиме џебови, така што изведуваме убод на дебелата страна од парчето и внимателно го движиме ножот лево-десно до ‘ѕидовите‘. Парчињата ги полниме со мусот. Нека набабрат добро, не им се плашете. Поентата е џебовите да бидат речиси скроз затворени, но и да ѕирка малку смесата, нема страшно.
Вака пилешките стекови наликуваат на просечни политичари - полни себе.
Ги поставуваме во сад за печење. Зачинуваме со сол, бибер и црвен пипер и у рерна пола саат на 170 степени. Откако се готови, ги оставаме 10 минути да подоладат и ги сервираме со доматно пире.
Кремастата внатрешност е клучна причина да се поклониме пред ова пилешко задоволство.
Уживајте!
Кирил Стоименов - Мусолини