Пак јас. И пак со Луни Тјунс. Ви текнува ли кога на долга кралска маса во цртаните филмови на Луни Тјунс ќе го послужат главното јело во сребрен ѕвонест сад?! Инаку за радозналите, тој сад се вика клоше (cloche). Грасијас Гугал.
Најчесто внатре е некоја Долгоушковска заебанција шо треба да го извади од такт Височеството. Но, денес јас ќе ви покажам шо стварно се служи во таков сад.
Ќе правам Пита Хардкоријана - мој хибриден рецепт од повеќе лиснатотестести класици.
"Каква ли е оваа пита?" - ќе запрашате.
Епа, кој ПИТА, не скита.
Сеа ќе ве поштедам од скитање:
Два комада готово лиснато тесто у ролна. Мислам дека најчесто ги пакуваат по 500 грама. Ни требаат две чинии. Едната треба да е со троа поголем радиус од другата. Ги положуваме на средината од двете парчиња тесто и со набрашнет нож сецкаме по работ од чиниите. Кружните теста ги праќаме во фрижидерското иглу. Остатоците можеме на крај да ги искористиме како улепшајзери. Или едноставно у комора да дремат замрзнати за у некоја следна прилика или неприлика.
Следно: Тава. Зејтин. Рингла на среден оган. И прашање: Какви жени сакал Пикасо? - Скоцкани! Па у негова чест уметнички скоцкуваме 300 грама пилешки СТЕЦИ. На ситни коцки. У тавата прво го запржуваме најепскиот тандем на сите невремиња: ситно али динамитно сецкани лук и кромид. Како Том и Џери. Само за возрасни. Откако ќе добијат секси кафеава исунчаност, го додаваме пилешкото и печурките. Заедно упржуваме максимум 10 минути. Тргаме од рингла и чекаме месото да се олади комплетаменте.
А у меџувремену:
Матиме една жолчка. Од фрижидер го вадиме помалото парче лиснато тесто. Топнуваме со четка од жолчката и со пост-експресионистички маневар го навлажнуваме работ од тестото. Техника: жолчка на тесто. Лепота!
А сега, многу битен детал: сирењето. Јас оваа прилика ќе ја искористам да злоупотребам цело парче од полномасното кравјо сирење по име Бри (Brie). Француска измишљотинка која тамошното население таму ја нарекува уште и крал на сите сирења. Се карактеризира со тврда мувласта кора и супер мека внатрешност. Слично на брито е камемберот. Исти сирења, само крстени по регионите каде што се произведени. Брито е Вардар, камемберот е ПАлистер. По маркетите најчесто се наоѓаат во форма на осмина бурек, или цилиндер. Нам ни треба цилиндер. Ја лупиме кората на горниот и долниот кружен дел. Странично ја оставаме. Вака излупеното цилиндарче го поставуваме на средина од лиснатото тесто. Напомена: ако не успеете да најдете бри, или ви е прескапо, слободно послужете се со кралицата на балканските меки сирења: зденката.
Околу сирењето го редиме месото, притоа внимавајќи да не го покриеме слојот од жолчката. Ја низ него џиткам малку сува брусница и кршени лешници. За од уроци. Али ако не сакате, не мора.
Врз мастрафот го положуваме поголемото парче тесто. Ги притискаме краевите околу целиот круг. Овде можете да бидете креативни и да измислите свој дезен. Јас едноставно правам линии со задната страна на ножот, преку 1 сантим. Добивате полукругови. Ја премачкуваме целата тестена површина со нашата темперна од жолчка и повторно со задната страна на ножот правиме дезен на горниот дел. Цртајте хипички знаци, анархии, крстови, пентаграми. Само немојте партиски симболи. Штетно е и питата брзо се расипува.
А ЈА РЕТКО СУМ ТРЕЗЕН, ПОШТО ТАКАВ ЈЕ ДЕЗЕН!!!
Спремајте некое винце, може и некое темно пивце од расата Стаут/Портер. Или коњак. На крај краева господин господин Рубин. Шо има веза.
Рернислав на двеста. Печеме додека питата не добие тен како Ријана. Значи околу 25-35 минути.
Откако е готова, ја вадиме и оставаме да олади едно 15 минути. Како стоќец у август месец коа ќе го искачи Плетвар.
Сечеме на осминки и се курчиме пред гостите со ова кралско мезе.
Ваша екселенцијо, ми беше мило.
Ваш,
Кирил Стоименов - дворски шут, и нема гол... драги гледачи
Салтанати:
- 2 ролни лиснато тесто од по 500 грама
- сирење: бри, камембер, зденки
- пилешко – 300 грама
- печурки колку сакате
- 1 јајце
- лук
- кромид