Психолозите препорачуваат дека е здраво од време на време да одите на рандеву со самите себе. Тоа значи да одвоите едно попладне/вечер во кое ќе се третирате посебно. Да не речам ќе се самозадоволувате, а да не бидам погрешно конотиран од ХХХ-поматените умови.
Покрај вашата омилена активност која би ја практикувале во текот на ова специјално време за себе, задолжителен момент е храната. Не мора тоа да биде некоја фенси-храна со 'кафе со поглед на Ајфеловата кула' цени, туку финтата е секојдневната храна да ја трансформирате во несекојдневно доживување. Да им дадете на обичните намирници суперхеројски костим, а притоа да не потрошите пола плата. Да му приредите роденден на дигестивниот систем.
Фактот дека психолозите препорачуваат го измислив јас, ама за да се искупам го измислив и следното: Пилешко у песто маринада со пијан кромид!!! Рандеву-тенг-клен, одиме чекор по чекор да ја градиме нашата ауто-садисфакција. Пуш ми, ен ден џ'ст скрол доун:
* Маринада: во сецко или сличен Шредер од Нинџа Желки ставаме околу 20 ливчиња босилек, грст магдонос, перца од млад кромид или власец (чивс, за овие од линкдинско говорно подрачје), кора од еден лимон, сол, бибер, оригано и маслиново. Ова не е традиционален рецепт за песто, туку мој фристајл за песто-маринада.
Блендираме и со смесата полеваме едно печестотини грама пилешки гради. Добро промешуваме и два часа маринирање во фрижидерските ладовини.
* Пијан кромид: практично похован кромид (онион рингс, за овие од горната заграда) но со пиво у самата смеса. Пази тука: во сад мешаме прво суви состојки како што се 100 грама брашно, сол, бибер, лук у прав, црвен пипер, мајчина душица. Туш со 70тина милилитри од вашето омилено пиво. Промешуваме додека не добиеме смеса без грутки.
Во друг сад поставуваме лебни трошки/презла. Расчленуваме еден кромид на прости множители. Во прстени. Не сте Амери за да ви објаснувам како. Секој од прстените го потопуваме во пивската каша и сетне веднаш во презлата.
Од таму на плех за у рерна или директно у загреано масло, зависи до кај сте со триглицеридите. Ако ги пржите, минута до две, ако ги печете, 15 минути на 220.
* Пилешкото: вака измаринизирано иде дирактаменте на загреана грил тава, 4 минути по страна за да остане сочно, пошто пресушен пилешки стек е синоним за тага.
Јес, кога сме готови со припрема компонираме низ чинија. Аранжирајте креативно, како шо ве највеќе мерачи. Препорачувам некој тартар сос или аоли за со кромидот.
Секој заслужува да се заљуби во себе, макар на кратко, макар на миг.
Кирил Стоименов - Ума Гурман