Чудна работа мајку му, на тоа Итаљаните ептен им пречи ананас на пица пошто бил овошје, ама па не им пречи да бутаат водопадски количини патлиџан у сè и сешто, мислиш утре ќе го укинуваат.
Е шо е тука спорно? Па, патлиџанот, технички, е овошје, само Америте го редефинирале како зеленчук поради таксации и даночни заврзлами. Мада, никогаш нема да најдете патлиџан у овошна салата. Уствари 2022-та, може свашта да најдете...
Денес припремаме паста со не-купечки томато сос или Pasta Al Pomodoro. Овој вид паста е ‘оче наш’ меѓу пастите. Видете, не е најбрзиот рецепт на светот, изискува (оуу колку непотребен збор, мајко мила!) троа време, тимарење и ‘висење’, но ако имате свој патлиџан од бавча, домашно подготвениот сос ќе биде тотален гејм-чејнџер во приказната, шо би рекле овиеТик-Токоријанците и Јутјубистите.
Про-тип: Ако сте во можност, искомбинирајте повеќе видови патлиџани (воловско срце, шери, јабучар, рома), да ве види Гопод, а богами и вие него.
Ајде Тото Кутуњовци и Кутуњовки: Прво на секој патлиџан му правиме крст, или за атеистите – плус, на врвот од плодот. Ги сместуваме во тенџере и ги прелеваме со вода. Ја загреваме водата додека да почне да врие, а откако ќе стартуваат меурите како у штотуку отворена Кожувчанка, ги држиме внатре уште минута до две.
Ги вадиме, ги оставаме да се оладат, и вака ладни како просечен скандинавец, ги лупиме. На овој начин се заштитуваме од идење ‘фира’, како што е во случајот кога ги лупиме со нож. Ако имате бесни самурајски скилови и остри кујнски катани, излупете ги и така. Лушпата ја отстрануваме затоа што не е пријатна за голтање, и често знае да задавува.
Вака излупените патлиџани ќе сецкаме од 4-6 парчиња, во зависност од големината. Тава ужежена како капак од термо печка. Плиснуваме малку маслиново. Внатре упржуваме ситно сецкани лук и кромид. Светото двојство. Откако се искарамелизирани, ги додаваме патлиџаните. Со дрвена лажица ги раскомбосуваме, повремено налегајќи ги. Откако почнат да добиваат текстура на сос, посолуваме, забиберуваме и додаваме 1 супена лажица шеќер, или кафена лажица малку мед. На среден оган го оставаме сосот да си крчка, сè дур не се згусти и додека водата не испари.
Додека патлиџаните се усосуваат, во друго тенџере ја вариме нашата омилена паста. Но, не варете ја до крај. Пример, ако е потребно да се вари 8 минути, варете ја 6 ипол, пошто процесот на термичка обработка ќе се финишира заедно со патлиџанската лава.
Рикверц кај сосот. Кога сосот има уште 5 минути до финиш, додаваме свеж босилек. На крај ја имплементираме пастата. Заедно нека се галат едно 5 минути. Вака врелата фузија ја сервираме во длабоки чинии. Рендаме пармезан или друго тврдо сирење по избор. За екстра доживување додаваме неколку кршени јатки ф’стак.
Љубители унд љубителици на добриот залак, препуштете ѝ се на оваа волшебна патлиџанска прегратка, која ќе ви ги олади мислите и стопли душата. А со ладна глава и топла душа човек чуда прави.
На здрависимо!
Кирил Стоименов - Патлиџанак