Ориентален лазања ражниќ

Ако некогаш сте се запрашале како би изгледало кога една класична италијанска лазања би заминала на духовно патување низ Маракеш и би се вратила со егзотични зачини и духовна трансформација, тогаш овој ориентален лазањи-ражниќ е токму тој одговор. Ова е кулинарски синоним на носење кожна јакна со прешивачи од панк бендови врз свилен фустан или одело. Додека традиционалистите веројатно веќе посегнуваат по нивните дигитални пенкала за да напишат остар демант за „сквернавењето“ на лазањата, или лахмаџунот, или ражниќите или за што уште не, ние останатите ќе уживаме во овој архитектонски подвиг кој ја користи тортилјата како скеле за еден вистински месна граЏевина.

Овој рецепт е за сите браќа и сестри, па и за оние измеѓу, кои знаат дека магијата на изнудувањето воздишки не е во тричасовно висење над шпорет, туку во интелигентна и стратешка манипулација со текстурите. Ќе демонстрираме дрска едноставност: ќе ги земеме најобичните состојки од фрижидерот и ќе ги натераме да соработуваат во форма која изгледа како да излегла од кујната на некој футуристички ресторан во Њујорк. Гурманскиот аспект е приказна за себе и тука нема место за срамежливо зачинување на врвот на прстите. Ова е напад на сетилата каде ориганото и чадениот црвен пипер го имаат главниот збор, додека крцкавата тортилја служи како потсетник дека во животот, како и во кујната, најдобрите работи доаѓаат во слоеви.

Подгответе се да бидете претерано фалени и хвалоспевани.

Потребни намирници

За основата и месниот фил:

  • Тортилји: 6 големи интегрални тортилји (по можност со поголем дијаметар).
  • Мелено месо: 500г квалитетно јунешко/свинско месо (ситно мелено за подобра кохезија).
  • Зеленчук: 1 мала главица црвен кромид, перца и 1 црвена пиперка (исечкани на микроскопски коцки).
  • Свежи билки: Една рака свежо сечкан магдонос.
  • Зачини: Сол, свежо мелен црн бибер, 1 лажичка оригано, 1 лажичка лук во прав и 1 лажичка чаден црвен пипер.

За ориенталната глазура:

  • Кечап
  • Агаве или мед
  • Оригано Буковец

За подлога и финиш:

  • Сос: 200г густ грчки јогурт и сок од еден лимон
  • Декорација: свежи листови магдонос и оригано
  • Опрема: долги дрвени стапчиња за ражничи.

Постапка:

Создавање на филот: во длабок сад соединете го меленото месо со ситно сечканиот кромид, пиперката, перцата и магдоносот. Додадете ги сите зачини. Месете ја смесата енергично околу 2-3 минути; целта е протеините да се поврзат за филот да не се распаѓа при сечењето.

Слоевите: исечете ги тортилјите во правилни квадрати (околу 15x15 см). Поставете го првиот квадрат на даска и премачкајте го со тенок слој од месото (околу 5мм дебелина). Повторувајте ја постапката додека не потрошите 5-6 квадрати тортилја, завршувајќи со чиста тортилја на врвот. Притиснете одозгора со дланката за да ги истиснете воздушните џебови. 

Прецизно сечење: користејќи остар кујнски нож, исечете ја кулата на три еднакви надолжни ленти. Внимавајте движењата да бидат одлучни за да не се изместат слоевите.

Перфорација: протнете по едно дрвено стапче низ центарот на секоја лента, фиксирајќи ги сите слоеви од дното до врвот.

Глазирање за карактер: измешајте ги состојките за глазурата во мал сад. Со кулинарска четка, премачкајте ги страните на ражничите каде што е изложено месото. Ова ќе му даде на јадењето боја и ќе ја задржи сочноста.

Термичка обработка: поставете ги ражничите на плех обложен со хартија. Печете во претходно загреана рерна на 200°C околу 15 минути. Ако користите Air Fryer, печете на 180°C околу 12 минути.

Финализирање: на рамна чинија развлечете го сосот од грчки јогурт во кружна форма. Врз него поставете го врелиот ражниќ. Декорирајте со магдонос и веднаш послужете додека тортилјата е сочно-крцкава.

Нема што да додадам. Одам да се одземам.

На здравје,

Кирил Стоименов - милитантен хедонист

22 март 2026 - 09:04