Марк Твен рекол:
"Карфиолот е зелка со факултет"
Низ нашето поднебје и надземје, карфиолот у 97% од случаите завршува во туршија. Шо и не така лошо. Овие исферментирани бели мозочиња се ултимативно ракијашко мезе во текот на зимата. Другите 3% завршуваат во крем супа. Исто така одлична.
Но ние денес ќе го спремаме карфиолот на еден поинаков начин. Овој зеленчуков облак полн со витамин Ц, ќе ви приреди една сочна секси авантура:
Потпечен во рерна со бел сос и два-три вида сирење. Каква верзија? ПЕРверзија!
Идемо...
За почеток ни треба една лоптица карфиол. Ја расчленуваме на прости множители, или за понављачите, ја сецкаме на мали делови. У тенџере со зовриена вода ги бланшираме десетина минути, колку да омекнат. Потоа ги истураме у цедалка и оставаме да дремат сè додека не сме готови со ресто маневрите.
Следно: бел или бешамел сос, мајка на француските запршки. Ринглата на ептен тивок оган. 60 грама путер, да се растопи. 5-6 лажици сенаменско брашно, и мешање со жицата додека не добиеме фина кафеава каша. Потоа постепено истураме пола литар млеко од расата тетрапак, перманентно мешајќи. Ет дис поинт, може да го појачаме оганот и да мешаме сè додека не ја добиеме посакуваната густина: малку погусто од пена на капучино, троа поретко од павлака. Налик на бел редок пудинг. Го тргаме од рингла, сол, бибер, лук во прав, една лажица сенф и му истураме 100 грама рендан гауда кашкавал. Мешаме додека не добиеме хомогена смеса или додека не исчезнат кашкавалестите грутки.
Некст степ: со презла го покриваме дното на огноотпорниот сад. Врз овој леботрошкаст синтелон ги истураме а воедно и рамномерно распоредуваме карфиолчињата. Лефтерно посолуваме. Бешамелот иде врз карфиолот и со голема лажица мешаме за сите парчиња да бидат измачкани од сосот. На врвот рендаме 50 грама од истата гауда и 50 грама пармезан.
Садот иде у рерна загреана на 200 и печеме пола саат. На крај треба да ја имаме таа крцкава жолто-кафеава епифанија шо успешно третира детска траума, недостаток на прегратки, родителска љубов, прерана ејакулација.
Епа другари ем другарки, уживајте во овој кремасто-зеленчуков микс. Се надевам дека после овој рецепт, карфиолот ќе си замине од вашата скептична листа на здодевни зеленчуци.
На здравје карфиолизам!
Намирници:
- Една топка карфиол
- 60 грама путер
- 5-6 лажици брашно
- Пола литар млеко
- 150 грама кашкавал
- 50 грама пармезан
Кирил Стоименов,
шефот кој пробува да ве навлече на бело