
Денес му ја кинеме маската на овој парфемски циркус што го викаат „модерно готвење“. Сите оние изботоксирани рецепти на Инстаграм ни ги пореметија параметрите и очекувањата за храната. Сè мора да биде деконструирано, естетски полирано, со две ливчиња микро-зеленило и три дебилни капки сос капнати со медицинска пинцета за некој квази-префинет сноб да рече „ах, каква хармонија“. Не дека во високата кујна нема мајсторија и вештина, ама почнавме да сликаме паштета на тацни врз две парчиња дијагонално исечен тост-леб.
Шо би рекле Монтипајтонци: денес сме овде за нешто сосема поинакво. Секој што барем еднаш во животот стварно исконски изгладнел, а не само „го фатило стрв за авокадо тост и мача лате“, ја знае суровата вистина: леќата изгледа како тотална гастрономска хаварија. Изгледа како кафеава, каллива каша, како нешто што си го ископал од канал после три дена органи и торнада. Не постои таков филтер, уште не е измислен тој агол на сликање и нема таков рефлектор на овој свет што од тенџере леќа ќе направи визуелна поезија за собирање лајкови од плишани вечити диеталци.
Но, тука е кваката! Денешниот рецепт не бара дозвола за да постои, ниту пак му треба твојот лајк. Ова е сурова, нерафинирана терапија за кога животот те мава од земја, кога надвор е сè посивено од репетитовното секојдневие и кога душата ти урла за нешто што има вистинска, масна мускулатура. Кога таа скромна и приземна леќа ќе се натопи во дивиот, врел сос што го пуштил сицилијанскиот колбас додека цврчел и прскал во тавата како нездрав, тука сите лажни манири паѓаат во вода.
Денес не продаваме празни приказни туку готвиме како животот да ни зависи од тоа.
Намирници
За основата:
- Леќа (претходно делумно сварена во вода)
- Кратки колбаси
Зеленчук за софрито:
- 1 морков (исечкан на ситни коцки)
- 1 црвена пиперка (исечкана на ситни коцки)
- 1 глава кромид (комбинација од бел и црвен кромид, ситно исечкани)
- Пилешка бујон коцка
- Зачини: Сол, црн бибер, оригано свеж магдонос
За сервирање: сенф
За свежата прилог-салата:
- Марула/ајсберг салата (ситно исечкана)
- Свеж магдонос
- Црвен кромид (исечкан на тенки полумесечини)
- Капари
- Маслиново масло, сол и вински оцет
Постапка
Во подлабоко тенџере ставете ја леќата во вода и сварете ја додека не омекне, но внимавајте да не се распадне целосно. Процедете ја и сочувајте ја на страна. На даска за сечкање подгответе ги морковот, црвената пиперка и кромидот, исечкани на ситни, рамномерни коцки (софрито база).

Во подлабока тава загрејте малку маслиново масло. Ставете ги сицилијанските колбаси и пржете ги на умерена температура. Запечете ги убаво од сите страни додека не добијат богата, златно-кафеава и крцкава коричка, а внатрешноста не остане сочна. Извадете ги колбасите на страна, а маснотијата што ја пуштиле оставете ја во тавата за дополнителен вкус.


Во истата тава (со ароматичната маснотија од колбасите) додадете ги исечканите кромид, морков и пиперка. Динстајте ги кратко додека не омекнат и не ги ослободат своите сокови. Додадете ја сварената леќа директно во тавата врз запржениот зеленчук.

Полејте со малку вода и бујон за да го поврзете јадењето, зачинете со сол, црн бибер и ситно исечкан свеж магдонос. Оставете сè заедно да крчка на тивок оган неколку минути за леќата да ги упие сите вкусови од зеленчукот и колбасите.
Во меѓувреме во стаклен сад сместете ја исечканата марула и свежиот магдонос. Одозгора додадете ги тенките полумесечини црвен кромид и богато посипете со капари. Зачинете со маслиново масло, сол и вински оцед непосредно пред сервирање за да остане свежа, крцкава и секси.

Во плитка чинија сервирајте богата подлога од топлата, сочна леќа со зеленчук. Врз леќата поставете ги запечените сицилијански колбаси. Од страна додадете голема лажица ароматичен сенф кој совршено го пресекува богатиот вкус на месото. Послужете топло, заедно со свежата салата од капари и кромид.

Нека му ја мислат свилените боемчиња шо следат трендови околу лајкови и импресии, ти грабни ја лажицата, батали ги манирите и врати си ја душата во телото, на топличко.

Кирил Стоименов - правач на леќата грејт аген