Кога животот ќе ви подари лимон, правите т’нки шприцери или џин тоници. Но што се случува кога животот ќе ви подари 3-4 варени јајца, од нигде-никаде? Некој ќе речат „мимоза салата“. Сосема релевантен одговор. Но сте пробале ли со мајонез од цели јајца без масло? Не, а?
Нема магии и филмски трикови: лецитинот што вареното јајце великодушно го носи со себе дава кремавост, сенфот е добриот дипломат кој ги смирува страстите додека јаболковиот оцет е строгиот уредник што урла по цела редакција. И на крај сѐ некако има смисла.
Ова е емулзија што зближува. И во случај да сте од бандата што брои калории, после овој мајонез ќе броите и насмевки. Кога фрижидерот е минималист, вие бидете поалтернативни уметници од него.
Еве како:
Састанци, шо би рекла вујна ми:
3-4-5 тврдо варени јајца (изладени како пиво у река)
2 лажици сенф со зрна (може и обичен)
2 лажици јаболков оцет
Малку сол и свежо мелен пипер
Чешне лук или лук во прав
Постапка:
Излупете ги јајцата и ставете ги во блендер. Додадете ги сите состојки. Вклучете го блендерот. На најјако. Ќе видите како се прави една малку зрнеста маса, ама не се плашете. Тоа е во ред. Полека, додека блендерот сѐ уште работи, по потреба додавајте вода во супена лажица. Масата ќе се згусне и ќе стане мазна и кремаста, веројатно ќе ѝ треба малку течност да развие текстура. Пробајте и додадете уште сол или пипер по вкус.
Префрлете го во тегла и чувајте го во фрижидер. Иако, не верувам дека ќе потрае повеќе од еден ден, јас би рекол дека може да стои 3-4 дена. Душа дало за диеталци и адиеталци. Плаче за и сендвичи, крекери, оризови стиропори, врз месо, помфрити итн.
Пробајте и кажете како сте поминале.
Уживанција!
Кирил Стоименов - главен дистрибутер на Амфетаминка