Карамелизирана сланина

  • Предупредување: не му кажувајте на матичниот или матичната дека сте го јаделе ова, за да не им се слоши од тоа колку ви е било добро при конзумирање на овие 100.000 калории.

Оваа неприлика ја користам да споделам со вас една фантастична комбинација од деликатеси што потекнуваат од различни кујни, вујни, култури и некултури. Сите елементи што ја прават комбинацијата магична ги имам конзумирано посебно, или во други рецепти. Моментално сум заглавен на кулинарска литература и доста истражувам за вкусови, за спарување спротивности, експериментална кујна и слично, па така фузијата ми звучеше сосема примамливо.

Сланина. Аххх, сланина. Вечна инспирација, политички коректна и некоректна. Едни тврдат дека трите линии при брендирањето на Ададас се позајмени од природната шара на парчето сланина. Тука има простор за дебата. Но простор за дебата нема дека најнавредливата строфа некогаш напишана гласи:  “Да зна була каква је сланина Никад не би љубила турчина” …биди ми силен и добро ми стој. И скролни надолу за цел рецепт:

Тенџере. Празно како Швајцарија после 19:00. Во него: 10тина зрна бел бибер, едно луто пиперче, 2 ловорови ливчиња и чешне лук. Внатре 600 грама сланина. Прелеваме со вода, посолуваме, пуштаме рингла на среден оган (6 од 9) и џакузираме 40 минути. 

За тие 40 минути: Спремаме карамел, и тоа маслинов карамел! Како маслинов? Многу едноставно: во длабок сад истураме 2 супени лажици маслиново масло и исто толку јаворов сируп. Со кујнска жица мешаме додека елементите не добијат текстура како мед. Кратко ünd јасно.

Спремаме и сос: Бер блан, такозвани бел путер. Сецкаме шалот-кромид на најситно шо може. Го запржуваме во тенџере со 50 мл бело вино и 50 мл. бел вински оцет. На многу тивко (3 од 9). Откако кромидот ќе ја испие течноста го благословуваме со 30 грама путер. Бавно го топиме путерот. Финишираме со ситно сецкан власец. Фантазија за со месо и риба. 

Сланината ја оставаме 20 минути да се олади. Ја поминуваме со кујнска хартија како би ја исцедиле целата влага. Ја редиме во калап за печење и во рерна 30 минути на 180 степени. Исход: крцкава сланина.  Парчињата ги потопуваме во маслиновиот карамел. 

Сервираме на следниот начин: поставуваме основа од сосот од бел путер, врз него ја редиме карамелизираната сланина и гарнираме со малку варена леблебија дресирана со микс од ситно сецкан магдонос и лук.  И така најдостапните намирници ги претвораме во ноти од класична хедонистичка симфонија. 

Уметноста е насекаде, ние сме за никаде. 

Кирил Стоименов - антички заникадист 

10 ноември 2024 - 10:23