Како да се справите со проќељот

Прокељот е проклета креација: на изглед зелка со џуџест раст, на вкус брокула потопена у ацетон. Многу од нас се зезнале и купиле кило од овие навидум 'симпатични зелкички', па ги здробиле како регуларна зелка салата и на крај биле сетилно злоставени од нивната змискоотровна горчина. Испод мира триста вира.

Така и моето алчно и наивно конзумеристичко око беше изиграно од стариот 50% трик. Демек намалени, па земав пола кило, па ај си викам ќе го спакувам како гарнир уз некоја месчина. Но поминаа недела ипол и кило ипол месо, отварам фиока, кога таму прокељот ме дочекува со следниот став:

Ме фати жал за овие минијатурни мозочиња од нинџа желки, па седнав да истражувам и да им најдам крајот. Едино шо знаев но немав пробано е фактот дека при термичка обработка тотално го менуваат вкусот, дека горчината исчезнува а на нејзино место магично се појавуваат ноти на димена храна. Па за да го претворам нашиот мал озлогласен херој во зеленчуков дивеч решив да го поминам низ сите можни термички процеси на обработка: варење, пржење, печење. Успат му најдов и другарчиња, да не му е досадно.

Откријте ги деталите во продолжение:

Прво на нашите зеленчукови мини-лампиони им приредив џакузи третман во тенџере со врела вода. 15-20 минути. Толку за тие пари. Ги исцедив и ги оставив на страна да искулираат малку, нешто многу напети ми беа. Откако оладија, ги исецкав на половинки.

Во истото тенџере упржив: 120 грама сланина, пола кромид и 100-тина грама шампињони исецкани на ленти. После десетина минути го додадов и проќељот да се пожурка со останатиот дел од екипата. Сите заедно уште 5 минути врел тулум. Овака л'снати, им вршиме прекоманда во огноотпорен сад.

Тенџерето го плакнеме само со вода, пребришуваме и спремно е за последната негова мисија: бешамел сос. Печеесе грама путер, го топиме на тивок оган. Врз него следува полна дрвена лажица бело. Од легалното. Запршката ја разбиваме со млеко. Едно пола литро. И мешаме. Едно 7-8 минути. Откако сосот е згуснат, зачинуваме со сол, бибер и лук во прав и додаваме 80 грама рендан едамер.

Оваа прекрасна бела лава ја истураме во огноотпорниот сад. Промешуваме за рамномерно да се распореди. Рерна на 200. Пола саат, или додека бешамелот не ја фати таа перверзната кора.

Во ваква смеса и Nokia 3310 да зготвиш ќе биде вкусно, не па проќељот. И така, бидна. Изгуравме некако и низ оваа голгота. Ова мислам дека е максимумот што можете да го извадите од овие зелени ѓаволски топчиња. Тавчето мириса на есен.

На здравје,

Кирил Стоименов - проќељав

 

10 декември 2022 - 18:50