Како се прави кремасто рижото дефиниравме пред неколку месеци. На сличен начин ќе груваме и денес, со тоа шо ќе го порумениме оризот како дедомразовски образи. Ултра летен твист на пилавот, посветен на сите патлиџанаци и слични зависници од домат. Погоден за удварачи, црвен, романтичен, плус одлично иде со алкохоли и со "Црвено обуци" од Љуба Аличиќ.
Замном јунаци:
Набавуваме ориз од еден град на истокот од Македонија, колевката на рекетарството и ситната лихва, некогашен Канголенд, денес тажно Кочани. Ако ви треба премиум квалитет, оставете бројче у режија, ќе ја наредиме.
Тава врела како илинденско попладне а во неа маслиново. Во брзоварката литро вода, брзо сварена. 200-250 грама ориз, запржувание грешним.
Пржиме 5 минути и го додаваме бојадисувачкиот агент: томато паста. Мешаме да се соедини и да го обои оризот. Откако имаме тен како на просечен Швеѓанец на шпанска плажа, почнуваме со додавањето на водата.
По 100-тина мили & драги литри, промешуваме додека ориз не ги впие и повторуваме постапка. Пред првата вода, посолуваме. И додека репититивно го освежуваме оризот, од време на време пробуваме. Ако го сакате ал денте, или шо би рекле домородците од градот погоре, 'ЖИВ', прекинете со наводнување троа порано, ако го сакате помек и кашест, малку повеќе хидратација.
Штом сме одлучиле дека му е доста, на ред иде путерот. 70 грама путер, и сериозно промешување. 2 минути без престан, вежба за подлактица. Гасиме рингла.
Одма потоа рендаме 50тина грама пармезан. На крај додаваме грст ситно сецкан магдонос. И вишна на шлагот, додека оризот е сè уште врел, шери домати сецкани на половинки. Високата температура на пилавот ќе ги омекне и ќе пуштат од својот врхунски сок кој ќе додаде на интензитет.
И така. Овој рецепт е одличен начин да го прославите летото, да изненадите некој или да се испоштувате домаќински самите себеси.
За да бидете јаки како Чак Норис
Шик како Мини Морис
Секси како Драгоевиќ Дорис
Пробајте го овој ориз
Уште нешто се римува со ориз, ама срамота е бе луѓе!
Кирил Стоименов - обзирен