Рижотиште

Еден куп полици ширум пост-дружетитовистичките домови гордо на свои плеќи ја носат кулинарската библија наречена 'Велики Народни Кувар'. А таму пише:

Оризот се спрема на два начина: како пилав - со додавање на целата количина на течност одеднаш; и како рижото - со постепено, повеќекратно додавање на течноста.

Јас како радикален кочанец мора добро да ги баратам и двата начина. Ама овој гастербајтерскиот некако повеќе ме мерачи, особено поради кремасто-лакованиот момент. Едноставен е, релативно брз, евтин и безобразно вкусен.

Епа ајмо лепотици и лепотани малку да се зајагленохидратчеме!!!

Ујдисуваме тава. На среден оган загреваме нискобуџетно масло. Не мора да е ладноцедено како шо препорачуваат селебрити шефовите шо никогаш не мијат садови. Запржуваме кромид и лук, претходно ептен ситно спастрени. По 5 минути додаваме една шоља (250-300мл) ориз. Исти такви шољи, комада 3, истураме во грејачот за вода (брзоварка). Во тавата додаваме коцка бујон по желба (зеленчукова, пилеча, говедска, комуњарска, вмАровска) и промешуваме се додека не се растопи низ зеленчукот.

Првиот течен шок го задаваме со шоља бело вино. Секогаш гответе со виното шо го пиете. Едино ако не сте фанови на стомачна киселина со четири листа. Повремено промешуваме. Откако нашите зарзaвати ќе го исцугаат винцето, полека им додаваме топла вода од брзоварката. Плиснуваме околу 150мл. И мешаме. Повремено. Наредната водена тура ја правиме по околу 5-7 минути, кога претходната ќе ја снема.

Кога втората тура од водата ќе биде усисана, ги додаваме печурките. 250 грама од кои сакате. Само не од оние за у еден правец. Мада, "Спејс рижото" и не е така лоша идеја. Прво ги промешуваме со останатите зеленчуци и потоа додаваме малку поголема количина вода. Скоро дупло од претходните две тури. Овде посолуваме, забиберуваме и заЛукВоПравуваме.

Имитираме мешалица сè додека не ја потрошиме водата која перманентно ја додаваме на рати. Откако сме готови со течниот дел, се префрламе на последната стаза. Џиткаме сериозно парче путер (50-70 грама) и со мешање му асистираме полесно да се растопи и укомпонира. Сјајот го имаме.

Гасеме рингла.

Додека рижотото е врело како шамари после родителска, низ најситната страна од рендето наврнуваме пармезан. 70тина грама. Мешаме.

Му правиме Finish Him како у златните денови на Mortal Kombat со сецкан магданос. Последно промешување и...

...и сведоци сме на кремаста перверзија чијашто арома, текстура и сјај ќе нè почастат со еден сесетилен сочен бакнеж.

Бон Апетитинг!

Да сумираме:

1 шоља ориз

Од истата шоља Х3 вода

Од истата шоља 2/3 бело вино

1 кромид

2-3 чешниња лук, за од ѓаоли

63,4 грама путер, за инат

70 грама пармезан

Магданос колку за еден џоинт.

Вашиот Понтиј Пилав,
Кирил Стоименов

26 септември 2021 - 09:18