При крајот на првата деценија од 2000-те години, по пицериите во Македонија се појави тренд наречен фурнаринки. Стануваше збор за стапчиња, плетенки и слични лиснати дезени испечени во фурна. По таа угостителска аналогија, сѐ што ја испечено во фурна е технички фурнаринка.
Денес ќе спремаме едни екстравагантни фурнаринки: малку медитерански, малку од бавча. Печеме филети од лаврак и благ компир, кој потоа ќе го осусамиме. Ова оплеменување на благиот компир со сусам го видов во еден јапонски ресторан. Одличен трик со минимален труд. Знае Јапончето како. Што се однесува до валкање садови - овој пат ќе бидеме самурајски дисциплинирани.
Пуштете ја фурната на центрифуга и идеме:
Стартуваме со благиот компир. Го поставуваме на парче од алуминиумска фолија, го прскаме маслиново масло, го зачинуваме со сол и црвен пипер и го пакуваме како бакшиш во целофан. Го печеме најмалку 50 минути на претходно загреана рерна на 225 степени.
За тоа време ја спремаме рибата. Филетите лаврак/бранцин ги премачкуваме со маслиново и зачинуваме со сол, лук во прав и црвен пипер. Опционално може да додадете и сушена мајчина душичка. Обострано, билатерално. На крај низ површината на рибата боцкаме врвови од гранчиња свеж рузмарин.
Успат сецкаме 200g шампињони на четвртинки. Откако компирот ни е готов, го вадиме од рерна и намалуваме на 160 степени. Го вадиме од фолија и го оставаме да олади. Рибата и шампињоните ги печеме 15-20 минути.
Додека лавракот ја ужива својата термичка трансформација, ние го лупиме благиот компир и правиме мали пресеци по облините како би добиле форма на квадар. Го премачкуваме со маслиново рамномерно низ целата површина и зачинуваме со сол и бибер. Во плитка чинија истураме микс од бел и црн сусам. Го тркаламе парчето компир од сите страни за добро да се налепи со сусамовата смеса. Потоа го сецкаме на ленти и имаме одличен гарнир.
Вистинските познавачи можат на страна да си турат соја сос и пред секој залак да го брцаат компирот во него. За тоа време рибата и шампињоните ни се испечени.
Лавракот го сервираме во чинија и му додаваме малку капери со лагани капки од водата од тегличката како сос. На чaчкалица боцкаме зелена обезсемена маслинка, претходно завиткана со еден инчун. Шампињоните заминуваат во свежа салата од марула и ротквици.
Адаптирајте си ги количините според потребата и според тоа колку грла треба да заситите. Не мора да ми се заблагодарувате, ама секси би било да споделите со пријатели и непријатели.
На здравје, Кирил Стоименов - Love-рак