Апокалиптично скарпачо

На 10-ти септември 2025 година, светот реши уште еднаш да ја докаже својата способност за тотален нонсенс. Утрото почна со вест за атентат во Америка, што повторно ја отвори вечната расправа за легализација на оружје, демократија и слични гениталии од извесен Маријан. Во Париз по кој знае кој пат гореше асфалтот од протести. Истовремено, во Непал илјадници излегоа на улица против корупцијата на владата, додека западните медиумчиња не известуваат дека генерација Z хистериша дека им ги укинале социјалните мрежи.

И додека луѓето во Европа и Азија маршираа и молотовококтелчеа, руските дронови прошетаа малку до Полска. За лудилото да биде уште полудо, Епл гордо го претстави новиот Ајфон со шестотини камери. А НАСА, во стилот на ‚најдобрите‘ треш-портали, објави дека конечно имаат докази за микроорганизми на Марс. Со други зборови: животот таму можеби постои, додека овде полека но сигурно умира.

И во сета таа глобална калакурница, јас полу-парализиран стоев пред мојот фрижидер и гледав во една жолта тиквица. Ниту во аналитики, ниту во CNN breaking news, туку во жолта тиквица со облик што би можел да биде насловна страница на табу секс-каталог.

* Брзински совет: секогаш кога ќе видиш дека светот гори и се спрема цивилизациски крах, зготви си нешто - едино тоа ќе те дефокусира од Апокалипсата.

Јас решив својата фрустрација да ја истурам во рерна и да испечам едно домаќинско скарпачо. Скарпачото е погача од тиквици која изгледа како да ја печеле пијани анархисти во напуштен сквот. Значи нема промашај.

Што ќе ти треба:

Една голема жолта тиквица (може и друга боја) 
3–4 лажици брашно
150–200 г рендан пармезан
една рака сусам
сол, бибер и оригано

Како се прави:

1. Исечете ја тиквицата на кругови тенки како нервите. Со мандолина или остар нож.
2. Сместете ги во цедалка, посолете ги, промешајте и оставете ги половина час да се исплачат.
3. Во барата од солзи го ставаме брашното, зачините и мешаме за да добиеме полутечна смеса.
4. Ги брцаме тиквиците во смесата како би му парирале на светскиот парадокс: прво ги цедиме а сетне ги навлажнуваме со својата исцеденост.
5. Ги редиме на плех, рамномерно распространуваме, додаваме последен слој пармезан и печеме на 200°C околу 35 минути.
6. Вадиме и оставаме половина час за да олади и стегне.

Скарпачото е единствената вест од 10-ти септември што е вредна за паметење.

Уживајте!

Кирил Стоименов - стојач од страна и посматрач и во ништо повеќе не верувач

14 септември 2025 - 09:17