Разно

Злато, сребро и бронза за Офф

Од толку многу благородни метали на нашите гради, може гром да не удри. Добро што тој не мава во коприви. Поздрави и честички.

2014-та, ние спремни

Што се однесува до нас, 2013-та може одма да заврши а 2014-та одма да почне. Коста Бургов штотуку го извади календарот за следната година, календар по кој би можеле да се баждарат и јулијанскиот и грегоријанскиот.

Најкомпанија на Твитер: Ние.

Втора година по ред (иха, традиција!), нашето присуство на Твитер (@offnetmk) публиката го изгласала за најдобро претставување на една македонска компанија на оваа мрежа. Баш ни е драго.

Браво за Делфина!

Деновиве и кај нас се одбележуваше светскиот ден на лица со инвалидитет (хендикеп, специјални потреби, како ли беше коректното). Ние не пишуваме за пригодни настани само заради празно "одбележување", но, овојпат, имаме и тоа каков повод да споделиме со вас супер работа: автохтона домашна памет, сила и љубов создаваат андроид апликација за помош на деца на кои им треба посебна поддршка.

Дојран има (к)рап

Езерото надојде, патека направија, против комарци прскаат... Сепак, досега како нешто да недостасуваше во целиот тој дојрански ривајвл. Но, еве сега го имаме и Самри и мозаикот е комплетен.

Го памтите ли Јоже Лесничар?

Решивме да тропнеме на вратата на заборавените веб асови и налетавме на нашиот стар јунак Јоже Лесничар. Кога првпат го промовиравме него и неговиот тогашен хит "Нoстрадамус, тоа е", напишавме "Вистина или не, човек од 30 години може да размислува како дете од 5-то одделение. Тоа е." Мислите нешто се сменило?

Кoга кумановец ќе удри коментар

Мешани чувства имаме за ова. Од една страна коментарот е крајно луд и забавен. Од друга: Абре кумановац, тука ли најде да се заебаваш со охриѓани?

Документарец за Фифи

"Би се викал Барбара" е краток документарен филм за Филип Јаневски Фифи, 22 годишното момче од предградие на Скопје и неговите две најголеми желби: да стане девојка и позната пеачка. А има вродени предиспозиции за двете. Со среќа Фифи и ич да не ти чуе. Само една молба од овде, кога ќе ја оствариш првата желба, немој да стануваш една од оние досадните кои викаат: Леле, вие мажите сите сте исти.

Ах, таа чудесно исчашена Македонија

Одиме да видиме дел од сајтот на еден мобилен оператор од Македонија. Не од нивниот департмент за IT, не за делот на техничка подршка, за продажни места или некоја слична стандардна услуга која ја нудат мобилни оператори во светот. Овој мобилен оператор има веб департмент за историја.

Стварно бе луѓе, Калето?

Дечко и девојка решаваат да ја прошетаат цела Европа па прават кратки видео репортажи. Видеата им се доста површни и незанимливи: ќе отидат до пазар, ќе каснат нешто локално и ќе заклучат дека таа и таа земја има богата историја. Но, еве ги и во Скопје и имаат една добра поента за скопското Кале:

Нафта, вода, што?

Читател беше доволно љубезен да ни го прати клипов и да ни открие дека се случува пред зграда во Аеродром, ама не и доволно љубезен да ни открие втф е овој сизифовски ритуал.