- Македонската пливачка легенда денеска одбележува 16 години од препливувањето на каналот Ла Манш, и по тој повод ќе плива 16 километри од Пештани до црквата „Св. Јован Канео“ во Охрид, па назад до охридското пристаниште.
- „Мојот јубилеј би сакал да го посветам кон хумани цели, поточно да ја подигнам свеста и да креирам подобри услови за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и во физичкото образование“, изјави Стефановски пред подвигот.
- Подвигот на Томи Стефановски беше на 15 август 2009-та и траеше 7 часа и 42 минути. Таа година беше 50-годишен јубилеј од првото препливување на каналот од страна на еден Македонец (Нико Нестор, 1958) и 40-годишнината од препливувањето на првата Македонка (Атина Бојаџи, 1969).
- Борис Врховац од Бања Лука има ултрабогата колекција од околу 1.300 дресови, а на 56. Меѓународен ракометен ТВ турнир на шампионите во Добој изложил околу 170 експонати.
- Во неговата колекција, собирана повеќе од четири децении, се наоѓаат уникатни предметим како целосна опрема на Новак Ѓоковиќ, потпишани дресови на Марадона и Меси, ракавици на Мајк Тајсон, патики на Никола Јокиќ, како и два дреса од Кире Лазаров и од судиите, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.
- „Разликата помеѓу мене и другите колекционери е што со сите тие спортисти сум се сретнал лично и тие ми дале автограм,“ додава Врховац.
- Полицијата денеска спроведува претреси на повеќе локации во Гевгелија поради сомнеж за местење на фудбалски натпревар од Втората лига помеѓу екипите на Кожув и Башкими.
- Според неофицијални информации, во истрагата се прибрани материјални докази кои укажуваат на инволвираност на повеќе лица – меѓу кои фудбалери, тренер и раководни структури од двата клуба.
- По барање на Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство издало наредби за претреси, а засега под сомнение се седум лица.