Дајте музика со нова видео порака

Јунаците од серијалот подготвија големо изненадување за крајот на оваа необична учебна година: Додека ‘Старо маало’ е принудно празно, домовите и парковите нека бидат исполнети со позитивна енергија, креативност и добра македонска музика!

Со максимално почитување на мерките за заштита и во услови на вонредно функционинрање, екипата од серијалот „Дајте музика“ успеа да склопи извонредна видео разгледница со порака за сите македонски ученици чија промоција се случува токму на денот кој го означува крајот на учебната година и почетокот на најомилениот и најбезгрижниот период за секое дете – летниот распуст. Видеото е снимено на пет различни локации во Скопје, а со оглед на сите препораки и ограничувања, на истото работеше продуцентска екипа од петнаесетмина извршители.

„Во овие специфични времиња, на најмладите веројатно им е најтешко. Поголем дел од времето го поминуваат во своите домови, ограничени се во сите свои активности и генерално функционираат виртуелно, како на училиште, па така и со своите врсници и другарчиња. Желбата и копнежот за слобода во детската игра во моментов може да го остварат само при практикување на индивидуални спортови и во природа на одредено растојание. Преку новото видео, сакавме да доловиме колку се тие услови на функционирање специфични и колку децата навистина се погодени од овој светски феномен. ‘Дајте музика под итно’ е детскиот сон преведен во услови на новото нормално“ – изјави Цаци Паковска од продукциската куќа „Рифенштал“.

На официјалните канали на серијалот на социјалните мрежи стои:

„ОГРОМНА благодарност до сите наши фанови кои нѐ следевте, ни пишувавте, нѐ поддржувавте и нѐ охрабрувавте во оваа наша навидум невозможна мисија да врвиме напред: со извалкани патики, искинати панталони, исфлекани маици, калливи раце, многу искарани од продуцентите, но секогаш со полни срца ЉУБОВ! ВЕ ГУШКАМЕ СИТЕ! Имајте убав распуст, почитувајте ги мерките и препораките за заштита и останете во добро здравје #ЧувајтеСе !!! Ииии се гледаме наскоро со нови и интересни содржини! ВЕ САКАМЕЕ!!!“

„Дајте музика“ е заеднички проект на „Македонската радиотелевизија“ и продукцијата „Рифенштал“. Првата сезона од 30 епизоди од серијалот емитувани на националниот сервис, имаа за цел преку забава да ги поттикнат традиционалните семејни вредности низ призмата на една нова модерна генерација на детски идоли кои ги почитуваат вистинските вредности: добро однесување, здрави навики, искреност, одговорност, вистинско другарство и емпатија.

(Комерцијален текст)

 

10 јуни 2020 - 14:11