Зурла на срамот: инструментот за посрамување на лошите музичари

Нам ни личи на зурла, иако англискиот термин е „флејта“ (flute) на срамот. Во средниот век служела за казнување на луѓе што го нарушуваат јавниот ред и мир. Пред сè на лоши и неталентирани музичари.

Порано си се знаело. Mузиката, и добрата, и лошата, можела да дојде само од еден извор, од лош музичар кој истата ја изведувал во живо. Како нему никогаш веќе да не му текне да застане на некое јавно место и да го вознемирува недолжното граѓанство? Со тоа што вратот ќе му се стави во пранги - во не-музички инструмент кој ги казнува злосторствата против уметноста.

Направијата, направена од тешко железо, морала да биде држена со двете раце, што создавало впечаток на нејзино свирење. А за музичарот да е дополнително засрамен, тој морал така да парадира низ градот, при што врз него луѓе фрлале скапана храна и зеленчук. Сето ова веројатно имало големо педагошко влијание врз децата кои учеле некој инструмент - „Еве како ќе завршиш ако не вежбаш“.

Едно вакво средство за мачење/казнување се чува во Средовековниот музеј на злосторствата во Ротенбург, друг во Музејот на тортурата во Амстердам. Тој е инспирација за име на финска рок група, чии членови завршиле во спомнатиот музеј на тортурата додека барале некој познат бар во маалото со „црвени фенери“. Според новинар на Гардијан пак, зурлата на срамот ја заслужуваат „сите музичари со титула сер над 60 години“, „сите бендови со глупи имиња“ и „сите кои се појавиле на Икс-фактор, кога и да е“.

 

23 јануари 2020 - 20:09