Бук-от во Фејсбук

Закерберг отвара читачки клуб

Самообвинувачката флоскула „заради ова интернетов" за многумина стана главен изговор што долго време не зеле книга в рака. Тоа станува уште поиронично имајќи го предвид „бук"-от во името на Фејсбук. Но Закерберг сега ќе ја оправа работата.

Извршниот директор на Фејсбук се самообврза во 2015 да прочита книга секоја втора недела, со акцент на таквите кои опишуваат различни верувања, култури и технологии. За таа цел, нормално на Фејсбук, ја формира групата „Година на книги" (Year of Books) на која ги кани неговите пријатели да му се придружат во проектот. Таа е формирана на 3. јануари, а до денес (5.1) има 129,433 лајка.

Во групата, во стилот на читателскиот клуб на Опра, се поттикнува дискусија за книгата којашто се чита, а првата е „Крајот на моќта" од Моизес Наим, која по објавувањето на повикот е распродадена на Амазон. Авторот, инаку поранешен уредник во Foreign Policy, зборува не само за промената на центрите на моќ од запад кон исток и од север кон југ, од претседателските палати до јавните плоштади, од мажите кон жените, туку и за генералното опаѓање на моќта, тврдејќи дека дури и оние најмоќните денес се поограничени во она што можат да го направат и ризикуваат многу повеќе отколку кога и да е во историјата.

 

 

5 јануари 2015 - 13:35