Зборот „дигитален“ потекнува од латинското digitus, што значи „прст“. Причината не е поврзана со денешните екрани на допир, туку со фактот дека луѓето уште пред механичките уреди ги користеле прстите за броење и пресметување. И изразот „сурфање на интернет“ има прилично случајно потекло. Библиотекарката Жан Армур Поли, една од првите авторки што пишувале за користењето на интернет, барала впечатлива метафора за новото искуство. Потоа погледнала во подлогата за компјутерското глувче на која имало слика од сурфер што јава голем бран – и метафората била пронајдена.
Но од сите приказни за термини поврзани со компјутери и интернет, онаа за зборот „спам“ е најинтересна.
На прв поглед изгледа логично името да има врска со СПАМ, конзервираното месо од зачинета шунка што американската компанија Хормел Фудс почнала да го произведува во 1930-тите. Производот станал особено познат за време на и по Втората светска војна, кога американските војници го носеле во различни делови на светот, а подоцна станал и дел од кујните во некои азиски земји. Но месото не е директниот извор на интернет-терминот.
Врската води до „Летачкиот циркус на Монти Пајтон“ и еден скеч од 1970 година (се сеќавате?). Во него група Викинзи седат во ресторан и секогаш кога ќе го слушнат зборот „СПАМ“ почнуваат гласно да пеат. Песната постојано го повторува зборот и го прекинува разговорот и нормалното функционирање на ресторанот.
Токму оваа идеја – нешто што постојано се повторува, е наметливо, досадно и го попречува разговорот – им се допаднала на раните интернет-корисници. Кога излегол скечот, во 1970-тите, бил уште посмешен за оригиналната британска публика, бидејќи на Англичаните им било веќе смачено од евтиното процесирано месо кое го јаделе во поствоените години.
Во 1990-тите, кога електронската пошта и интернет-форумите почнале брзо да се шират, зборовите „спам“ и „спаминг“ почнале да се користат за несакани пораки и за нивното масовно испраќање. Како прв документиран корисник на терминот во овој контекст често се наведува Ричард Депју, со профил на Јузнет, системот за интернет-дискусии што бил еден од претходниците на денешните онлајн форуми. Во почетокот, дел од спам-пораките биле шеги или намерно вознемирување, но многу брзо станале и средство за онлајн рекламирање. Со ширењето на интернетот, несаканите комерцијални пораки станале толку чест проблем што во 1997 година Федералната комисија за трговија на САД (FTC) одржувала расправи за тоа дали и како треба да се ограничи оваа практика.
А на компанијата што го произведувала вистинскиот Спам воопшто не ѝ се допаднало што нејзиниот најуспешен производ станал синоним за една од најдосадните појави на интернетот. Хормел фудс дури презела правни чекори против компании со имиња како „Спамбастер“ и „СпамАрест“, тврдејќи дека го нарушуваат нејзиното право врз заштитениот знак SPAM. Обидите не успеале. Судовите процениле дека потрошувачите можат да направат разлика меѓу конзервираното месо и електронскиот „спам“.