Жижек за лошите страни на дигиталната потрага по партнер

Обидувајќи се да се претставиме како совршени (и онлајн и во реалниот живот) ние всушност работиме против себе, против слатките мали недостатоци кои прават некој да ви стане неподносливо драг. Парадоксално, но истата лоша услуга си ја правиме и кога ги негираме нашите базични нагони - вели Жижек, чија идеја за совршена романтична вечер ќе ве изненади.

Имаше еден период кога во нашата куќа постојано се гледаа (односно повеќе слушаа) клипови со Жижек. Неговото м'мкање, шлапкање и ш'шкање, но и ритамот на неговото зборување, кое повеќе личи на монолог-река отколку на структурирано и претходно конципирано излагање, истовремено благо нервираат, но и на некој чуден начин прават повеќе да сакаш да го слушаш отколку да го читаш.

А човекот има за зборување - од Хегел, преку Лејди Гага, Хичкок, тероризам, политичка коректност, демократија, марксизам до секс. А про по последново, клипче посветено на онлајн дејтинг-от, кое од тоа свое тематско јадро се разгранува на сите страни, за на крај да заврши со препрасен опис на она што според Жижек би претставувала совршена романтична средба.

Резиме за оние на кои 9,5 минути Жижек им е ту мач:

На сајтовите за онлајн дејтинг луѓето се обидуваат да се претстават себеси во најдобро светло, односно да се автокомодифицираат. Но љубовта не функционира така. Нејзината основна состојка се всушност „милите маани" (endearing foibles), оние карактеристики кои некоја личност во вашите очи ја прават прекрасно несовршена. Според некаква анкета, повеќе луѓе би сакале да живеат со Синди Крафорд отколку со Клаудија Шифер. Причина: првата има бенка.

Според Жижек ова сепак не значи дека технологиите кои овозможуваат романтичен спој би требало да се напуштат или намалат, туку напротив, уште повеќе да се акцентираат, до моментот кога ќе прераснат во сопствена пародија. Еве како брилијантно тој ја замислува идеалната романтична средба:

„Се среќавам со некоја жена, си се привлекуваме, го кажуваме вообичаеното - кај мене или кај тебе? Се среќаваме таму. Што се случува потоа? Таа доаѓа со нејзиниот пластичен пенис, електрично дилдо. Јас доаѓам со нешто грозно, се вика нешто како стимулирачка тренинг единица, пластична вагина, практично дупка. Го ставаме дилдово во вагината, и додека машините го прават тоа наместо нас, зуејќи во позадината, ние сме слободни да правиме што сакаме".

Откако целосно ќе му се оддаде почит на суперегото преку вулгарните средства може да се води фин муабет, да се пие чај, да се зборува за филмови. Можеби при ставањето чај случајно да се допре туѓата рака. На крај можеби и да се заврши во кревет. Но без опресивниот секс, за чие беспрекорно одвивање се грижат машините.

Добар овој Жижек.

Забелешка: Доколку користите титл за видеово, некои од зборовите се погрешно транскрибирани

2 декември 2015 - 17:43