Каталин Карико (1955) денес, 2.10, заедно со нејзиниот колега Дру Вајсман, стана добитничка на Нобеловата награда за медицина, за развој на технологијата која доведе до mRNA Ковид вакцините. Таа пред пандемијата била на експериментално ниво, но сега им е достапна на милиони луѓе низ светот. Истата технологија во моментов се истражува и за други болести, вклучително и за ракот.
Карико пораснала во мал град во централна Унгарија, без вода, фрижидер и телевизор. Татко ѝ бил касап а мајка ѝ сметководителка. Уште во основно станало јасно дека е надарена за наука, особено за биологија. Тоа и студирала и докторирала.
Сето ова се случува во 1980-тите, кога таа била ставена на список на агенти на унгарската тајна полиција, задача за која подоцна изјавила дека била уценувана да ја прифати поради страв од реперкусии врз нејзината кариера или врз семејството. Во 1985 лабораторијата во којашто работела немала веќе финансии и таа емигрирала во САД со сопругот и 2-годишната ќерка. При заминувањето преку граница тие пренеле 900 британски фунти купени на црно кои Каталин ги зашила во играчка - мече, пари кои ги добиле од продажба на нивниот автомобил. Во САД мажот ѝ раководел со комплекс апартмани, а ќерката станала спортистка, подоцна освојувајќи два златни олимписки медала за САД во веслање.
Од тука натаму нејзината кариера оди по нагорна линија, но со чести финансиски сопки, бидејќи донаторите не мислеле дека ваквиот вид истражување е нешто од што можат да имаат непосредна и брза корист. Често спиела во лабораторијата, а еднаш таму ја дочекала и Новата година, несвесна за датумот.
На она за што денес ја доби Нобеловата награда работела од 1990-тата. Значаен напредок и малку поголема финансиска стабилност се случиле кога таа се запознала со американскиот имунолог, сега ко-добитник на наградата, Вајсман, кој исто така се интересирал за можноста за користење на mRNA (messenger RNA) да го стимулира телото да развива имунитет против вирални патогени. Тие двајца формирале компанија наречена RNARx, но подоцна ја продале лиценцата за технологијата на две биотехнолошки компании, Модерна и БиоНТек, каде последниве десет години Карико е заменик претседател.