Тејк ит кроце

Зен и уметноста на тоа да бидеш Дјуд

Како трибјут на неговиот лик од „Биг Лебовски", Џеф Бриџис ќе биде еден од авторите на книга зен пoуки. „Дјуд и зен учителот" е замислена како лежерна размена на мисли за животот, филмот и тоа како да се биде добар, меѓу Бриџис и Берни Гласман - еден од пионерите на американското зен движење.

„Луѓето често ме прашуваат дали сум изненаден од вниманието кое го предизвика Биг Лебовски изминативе години", пишувал Бриџис во текст за Гардијан уште далечната 2007, од кога и датира идејата за книгата која ќе биде објавена годинава. „Јас најчесто одговарам со - не. Но бев изненаден кога Берни ми објасни дека една од причините за неговата популарност е што фановите го сметаат Дјуд за зен учител. И навистина - тој има таков тип на мудрост кој јас сакам да го нарекувам 'мудрост на ноктите', мудрост која ти овозможува да ти растат косата и ноктите, срцето да ти бие, стомакот да ти работи. Сите тие нешта кои знаеме да ги правиме, но не знаеме како тоа знаеме. Тоа е и основата на лик како Дјуд. Тој не е тип кој ја открил смислата на животот, но му е удобно со она што го има и со она што е. Токму тоа е суштината на зенот."

Некои обожаватели на ликот на Дјуд додуше не се толку по зенот. Тие си формирале своја религија - дјудизам, со наводно 100,000 'верници'. И браќата Коен, режисерите на „Биг Лебовски", имаат отворено сајт посветен на идеите и учењата на овој лик, каде една од корисните мудрости вели: „Животот е краток и комплициран и некој не знае што со тоа. Па, направи што и да е. Само кроце. Гледај само да бидеш искрен со себеси и другите". Сосема се согласуваме.

 

17 март 2012 - 08:13