Клавироточак

Зен и уметност на свирење пијано на точак

Барајќи начин како сами себе да си го осветлиме утрово, наидовме на филмчево, кое нема шанси да не ви предизвика блага насмевка. Заради едно пијано кое се вика св. Франкештајн, и еден симпатичен тип, кој го вози. Да, го вози.

Гери Френк Скагс свири и компонира на пијано. И толку го сака тоа, што сака да го сподели со голем број луѓе, секаде кадешто ги има - во паркови, на улица, под мостовите на Сан Франциско. Ако не можеш да ги донесеш луѓето до пијаното, пресели го пијаното кај нив, си рекол тој еден ден, и смислил начин. Зел едно раскантано пијано од нечиј двор, купил стар велосипед со три тркала од продавач на хот-дог, и напорно работејќи цела година - ги споил!

Сега Гери речиси секојдневно вози по улиците на неговиот град, и ги забавува луѓето, правејќи си ќеф и себеси. Филмчево е шестминута хроника на ова негово хоби кои некои го нарекуваат „ексцентрично". Што се однесува до нас, собирањето салфетки е побизарна работа.

Единствено нешто кое му фали е малку физичка кондиција - да свириш и да возиш не е баш толку лесно колку што изгледа на прв поглед, а ваквото пијано навистина станува „Гломазен ѕвер". Ама вреди кога ќе ги видите лицата на луѓето, кои веднаш се озаруваат кога ќе сфатат од каде доаѓа музиката.

14 мај 2013 - 08:27