На сајтот на NPR (National Public Radio) има рубрика „Мал канцелариски концерт", видеа од акустични изведби снимени во канцеларијата на еден од уредниците. Има тука и познати фаци во анплагд варијанта, но и помалку познати музичари на кои на овој начин им се пушта ветар во едрата.
Во потрага по нови и интересни имиња се организира и конкурс, а победникот добива шанса да направи таков „тајни деск" концерт и да оди на неколкудневна турнеја. Оваа година до организаторите пристигнале илјадници снимени видеа со изведби на музичари од цел свет, но едно име избило на врвот. Се вика Гејлин Леа, од Минесота е, и свири келтска и американска фолк музика. Првиот албум го објавила неодамна, во ноември 2015, под наслов „Сите патишта водат дома". Главно настапува по пицерии, шеталишта покрај езера, саеми на земјоделци, а сега, преку НПР, за неа ќе може да се чуе и подалеку.
Видеото што го испратила е намерно снимено така за најпрвин да не се гледа кој свири, односно да не се види дека музичарот има некаков хендикеп за тоа да не биде првиот впечаток кој би влијаел (позитивно или негативно) врз проценката на изведбата. Таа почнала да свири во петто одделение, кога била единствена во генерацијата која на музички тест ги освоила сите бодови. Тогаш нејзината учителка одлучила да ѝ помогне да го пронајде својот инструмент, експериментирајќи прво со виолончело (преголемо), виолина (исто така). На крај решиле да ги спојат овие две работи - Гејлин свири на виолина како да е виолончело, и има убав глас, истовремено детски радосен и тажен. Слушнете самите.
Победичниката изведба со Someday We'll Linger in The Sun (Еден ден ќе се излежуваме на сонце).
Нејзин настап во живо