Во текот на минатогодишните избори за претседател на САД, за Сандерс гласаа огромен број од оние под 30 годишна возраст - повеќе отколку за Хилари и Трамп заедно. Без оглед дали неговата популарност кај оваа генерација се должи на младешки идеализам или на погенерални промени во ставовите на електоратот кои можеби допрва ќе се почувствуваат, таа може да се употреби за образување на помладите за тоа како да се иницираат и да се постигнат промени. А ако може, тогаш и треба.
Неговата нова книга која се планира да излезе летово се вика „Водич на Берни Сандерс за политичка револуција“, а нејзина цел е да ги поттикне оние кои гласале за него да сторат нешто повеќе од тоа само да гласат, односно да дејствуваат и помеѓу избори.
Соодветно на целната група на која ѝ се обраќа, книгата е најпрво претставена во Тин Вог - тинејџерското издание на популарното модно списание. Таа е богата со инфографици и илустрации кои помагаат да се објаснат прашања кои за американските тинејџери (а и за кои било млади на таа возраст) се прилично комплексни, како нееднакви примања, климатски промени, здравствена заштита, реформа на затворскиот систем или студентски долгови. Идејата на Сандерс е дека ако знаеш како функционира владата и државите институции, тогаш полесно ќе можеш да иницираш и нивна промена ако не си задоволен од нив.
„Младите се иднината. Како граѓани на САД имаме одговорност да учествуваме во нашата демократија и да помогнеме во создавање влада која работи за сите. Оваа книга ќе ги изложи на необична политичка кампања, на возбудата на политиката и ќе ги подучи што значи да се биде прогресивен“, изјавил Сандерс.