„Музејот на мамурлакот“, неодамна отворен во Загреб, го симулира пијаниот пат до дома од кафана, со простории дизајнирани така да изгледаат како улици полни со графити, излози, двор и на крај, спална соба.
Посетителите треба да носат „пивски наочари“ кои симулираат пијанство, и со нив не само да се обидат да одат низ поставките, туку и да фрлаат пикадо. Меѓу изложените предмети има такви кои пијаните ги пронашле покрај себе кога се отрезниле (пример - педала за точак), а постои и табла на која посетителите можат да ја дополнат реченицата „Се разбудив со...“. Некои од досегашните одговори вклучуваат „2 улични кучиња“ и „едно око“.
Бидејќи музејот е нов, неговите организатори се во потрага по уште „пијани“ приказни, а нивната намера е да направат најголема дигитална збирка сведоштва на оваа тема. Ако имате некоја интересна можете да ја испратите тука.
Критичарите велат дека музејот ја релативизира (одобрува) употребата на алкохолот и дека го поттикнува алкохолизмот. Но еден од основачите, студентот Рино Дубоковиќ, вели дека намерата е токму обратна, да се укаже на ризиците и потенцијалните опасности од истото. За тоа на пример служи симулаторот за пијано возење изложен во музејот, кој ретко кој го поминал без виртуелна гребнатинка (или полошо).
После „Музејот на раскинати врски“, ова е уште една откачена тема на која Хрватите ѝ посветуваат музеј.