Драматична музика. Почнува одјавната шпица. Во салата е уште темно. Ги дочекуваме имињата на режисерот и главните улоги, а потоа, освен ако не е премиера, вратите за изез се отвораат, светлата се палат и публиката полека се гега кон нив. Во исто време на екранот во блага измаглица упорно се тркалаат имињата на луѓето во најспоредни улоги. Генерално небитни, тие сепак станале главна тема на едно необично издание.
Џез Бароуз од октомври до ноември 2018 успеал да собере повеќе од 10.000 долари за да оживее негов долгогодишен проект - книга која содржи околу 3000 неопеани, бизарни или несреќни кастинг кредити собрани од над 50 години долга филмска историја. Под наслов „Во другите улоги“, таа содржи огромен репертоар на ликови, како „Тажна жена со рогови“ (од „Чуварите на галаксијата“), „Човек кому му е пукано во главата 3“ (од „АБВ на смртта“) или „Артритичен каубоец“ (од „Кој го намести зајакот Роџер“).
Тие се подредени во речиси 100 категории, некои од нив предвидливи (како маж, жена, случајни минувачи), но некои почудни (врескачки ликови, ликови без заби, такви чии имиња се произлезени од само една реченица која ја изговараат во филмот итн.).
Во придружен есеј се истражуваат луѓето и околностите кои довеле до некои од овие ставки, а книгата содржи и изјави од сценаристи, кастинг директори и актери.
„Дали е ова блесаво? Да. Дали и самиот сум збунет што некој одвоил време за ваква работа? Да. Дали е ова нешто што би сакал да го имам дома, за гордо да го читам пред изненадени гости на вечера како начин за создавање збунка? Оо, дааа“ - напишал некој што тогаш ја поддржал идејата на Кикстартер.
И самиот дизајн на книгата е осмилен така за секоја страница да изгледа како традиционална одјавна шпица, со една значајна додавка: комплетен индекс на секој филм референциран низ целата книга, со што на пример може да се потврди дека актерката Никол Билдербек (од „Сабрина, тинејџерката-вештица“ и сериите „Менталист“ и „Бруклин 99“) некогаш играла „Девојка подготвена да има секс“.
Така „Во другите улоги“ станува список на такви ликови кои постојат на периферијата на филмската индустрија речиси исто толку долго колку што постојат и филмовите. Низ нивна анализа можат да се следат шемите и врските низ времето и жанровите - прашањата на расата, возраста, родот и убавината на ликовите, чија единствена функција е да ги пополнат дупките помеѓу главните и споредните актери.
За нештата да бидат уште пооткачени, епизода од подкастот The Allusionist во која авторката Хелен Залцман одлучува ЦЕЛ ЧАС да ги чита имињата од споменатата книга. Пробајте, сето тоа редење има интересен седативен ефект.