Во типични зомби апокалиптични наративи, како The Walking Dead или World War Z, виновен за претворање на луѓето во крвожедни чудовишта е некаков вирус. Но во „Последните од нас“, нова ХБО серија (тука мала воздишка по Педро Паскал, кој игра една од главните улоги), базирана на видео игра со истото име од 2013, виновникот е на друго место - тоа е габа, а не вирус, а нејзините носители не се „андед“, туку се живи.
Што е уште поважно, оваа габа постои во реалниот живот. Креаторите на играта изјавиле дека биле инспирирани од сегмент на „Планета Земја“, документарната серија на Би-би-си, во која габата влегува во мравка и почнува да ја контролира.
Секако, делови од играта и од серијата се сосема измислени. Ваквото апокалиптично преземање на човечкиот вид од страна на габичен патоген кој го контролира умот не е реално. Но други делови се инспирирани од реална наука, како и од идеи поврзани со климатските промени.
Она што е реално е начинот на кој габата ги напаѓа инсектите, преземајќи половина од нивните тела. Притоа, мозокот на мравката останува нечепнат, овозможувајќи габата да го манипулира нејзиното однесување. Опиокордицепс-от така ја насочува мравката да се качи на гранка, каде таа умира. Тогаш габата почнува да расте од нејзината глава, овозможувајќи ширење на спорите и инфицирање на повеќе домаќини.
Триесет и пет познати видови Опиокордицепс можат да влијаат врз однесувањето на инсектите, а експертите проценуваат дека би можеле да бидат пронајдени уште стотина од нив. Но тие не се загрижени дека ваквите габи би можеле да влијаат врз луѓето - едноставно телата ни се премногу различни за овие габи да можат да преживеат во оние човечките.
Сепак, неколку теми во серијата се многу релевантни. Една е тоа што габичните инфекции кај луѓето се релативно малку проучени и тешки за третирање. Внесуваме габи во организмот со секое вдишување, но повеќето од нив се безопасни. Од 1,5 до 5 милиони видови габи, луѓето се разболуваат од само неколку стотина од нив, кои се закана главно за оние со нарушен имунитет.
Но повеќе од 300 милиони луѓе годишно добиваат сериозни габични инфекции, а околу 1,5 милион од нив умираат од нив. Една од причините е што можат да бидат многу отпорни на секакви лекарства. Тие се поблиски до животните отколку до растенијата - борбата против нив е всушност борба против нашиот организам. Оттаму, мора да се измислат специјализирани типови соединенија кои ги убиваат габите, но притоа не му штетат на домаќинот.
„Последните од нас“ исто така сугерира дека планетата станала податна за габична апокалипса поради растечките температури - повеќето фунги преферираат температури кои се пониски од оние на човечкото тело, но во серијата тие се адаптираат на потопла планета, па оттаму и полесно ги напаѓаат луѓето. Научниците веќе ја разгледуваат оваа теорија за зголемување на термалната толеранција на габите - нешто што и сега се случува, иако многу бавно. Она што исто така придонесува за теоријата да не е вон памет е и зголемениот пад на имунитетот на човештвото, особено по глобалната пандемија на Ковид.
Ние само се потсетуваме на тоа колку неверојатно изгледаа и претходните сценарија со глобални пандемии па, особено по гледањето на првите две епизоди од серијата колку што се до сега емитувани, сме така малку подзагрижени.