Вистинската приказна зад серијата „Пробив“ - шведското двојно убиство расветлено со помош на генеалогија

Нова шведска мини-серија на Нетфликс го следи случајот кој извршил револуција во ДНК технологијата користена за расветлување на кривични дела. Убиецот е фатен дури по 16 години, само затоа што еден истражител не кренал раце од него. 

На 19 октомври 2004 во малиот град Линшепинг во Шведска, непознат сторител со нож усмртува 8-годишно момче и 56-годишна жена. Убиството се случува на улица, а двете жртви не се поврзани и се случајно затекнати на местото. Полицијата го наоѓа оружјето и капата носена од убиецот и ја обезбедува неговата ДНК. Според неа тој би требало да има руса коса, да е пушач и да има околу 20 години. Неговиот идентитет сепак не може да се потврди бидејќи примерокот не се совпаѓа со ниту еден постоечки во дата базата. 

Истрагата којашто започнува станува втора по обем во историјата на Шведска, веднаш по истрагата за убиството на поранешниот премиер Улоф Палме. Преку волонтерски донации собрани се 5000 брисеви, добиени се 13000 дојави за сомнителни лица, главно со расистички и националистички побуди, направени се 7000 интервјуа, а врз основа на сведочење на минувачка е направен и фото-робот. Но уапсени и обвинети нема. 

Mини-серијата во четири продолженија под наслов „Пробив“ (The Breakthrough) го следи детективот Џон Сандин задолжен за случајот и неговата опседнатост со него, што доведува и до крах на неговиот приватен живот. Ликот е базиран на поранешен Олимпиец и инспектор Јан Егон Стааф, кој посветил 16 години на откривањето на двојниот убиец. Роден во 1962, тој се натпреварувал во брзо одење и ја претставувал Шведска два пати на летните олимпијади во 1988 и 1996. По повлекувањето од спортот, се придружил на полицијата и работел како раководител на одделот за сериозни кривични дела. 

Неговата посветеност не е само кон овој аспект на полициската работа, туку и во односот кон семејствата на жртвите. Во серијата тој постојано ги посетува и им го повторува своето ветување - дека ќе го најде убиецот - иако истрагата изгледа дека не мрднува од место. За тоа дека можеби станува збор за злосторство од расистички побуди зборува фактот што родителите на 8-годишниот Аднан (вистинското име му било Мухамед) биле мигранти од Либан, а Гунила (Ана-Лена Свенсон) предавала шведски на дојденци. 

Пробивот се случува кога по 40 години американските власти успеваат со помош на генеалошка анализа да го фатат озлогласениот Голден Стејт килер. Ова му дава поттик на детективот да пронајде специјалист од оваа област во Шведска, Петер Сјелунд. Она што следи (во серијата прилично брзо, во реалноста дури по две години) е апсењето на 37-годишниот Даниел Никвист, кој веднаш ги признал убиствата, велејќи дека за нив добил сигнал „од глас во неговата глава“.

Серијата е базирана на истоимена книга на новинарката Ана Бодин, која ги комбинира различните аспекти на приказната - полициски службеници кои одбиваат да се откажат, роднини кои сакаат одговори и пробив кој се случува благодарејќи на науката и упорноста на поединци да трагаат по вистината. 

10 јануари 2025 - 11:47