„Херпес на поило“

Везилке кажи како да се роди проста микробиологија

Пред некое време пишувавме за стаклени скулптури на бактерии и вируси. Но овие се везени и баш фино можат да стојат поединечно или во група над ВЦ-шоља, шпорет или блиску до кревет. Чисто ко хигиенски потсетник, или везен HACCP.

На страницата на Алисија Воткинс се вели дека таа сака да се занимава со чудни занаети, и дека тоа го прави од 6-годишна возраст. Нејзините самоделски производи вклучуваат: чанти направени од лименки, изработка на откачени гумени печати и везење на иронични пораки за членовите на нејзиното семејство.

Но нејзината последна „микробиолошка" серија во моментот кога се појави стана толку популарна што сега на нејзиниот сајт има извинување дека заради преголемиот број нарачки во последниов месец таа едноставно не може да го запази рокот на испорака за готовите производи, иако има и такви кои ви ги испорачува како шема со платно, игла и конец за самите да си ги направите.

Цената е само 19,99 долари, а можете да ги нарачате тука. Подарувањето некому везени бактерии може да се сфати на различни начини - и како клетва, но и како понуда за меѓусебна размена на истите.

 

 

 

 

26 јуни 2014 - 09:02