Филм според монодрама за славниот американски писател

Вал Килмер го промовираше „Граѓанинот Твен“

Понекогаш актерите си имаат некаква страст која сакаат по секоја цена да си ја остварат, без да трчаат по продуценти, да собираат екипа и да зависат од нечие туѓо сценарио. Вал Килмер си финансираше, режираше, ја напиша, и играше во претстава посветена на славниот американски писател со бушава коса и остар јазик, чија премиера се случи 2013. Сега го промовира и филмот направен од претставата.

Cinema Twain е 90-минутен филм направен од монодрамата Citizen Twain на Вал Килмер (Top Secret, Batman Forever, The Doors), во кој тој ја игра главната улога. Во центарот на приказната е критиката на Твен упатена кон Мери Бејкер Еди, основачот на „Христијанска наука“, заедница која во САД е формирана кон крајот на 19 век и проповеда враќање кон тн. „примитивно христијанство“ и исцелувањето низ молитва. Црквата е позната по својот весник, Christian Science Monitor, добитник на седум Пулицерови награди, како и по своите „Читачки соби“ кои се отворени за јавноста во над 1.200 градови.

Во 1899 Твен објавил сатиричен текст во кој ја напаѓа Еди, сомневајќи се во нејзините мотиви и застапувајќи се против проповеданото одбегнување на медицинска грижа за верниците. Со оглед на тоа што во тој период Христијанска наука била најбрзо растечка христијанска заедница во САД (до 1936 имала над 270.000 членови), Твен се соочил со цензура, што уште повеќе го изнервирало. Во 1907 напишал и цела книга есеи посветени на оваа тема под наслов „Христијанска наука“. Иако признавал дека и самиот верува во моќта на умот над материјата (телото), па оттаму и во дел од она што го промовирало ова движење, она што го нервирало била самата Мери Бејкер Еди, и начинот на која таа се збогатила врз грбот на верниците.

Со оглед на тоа што Вал Килмер е самиот припадник на оваа црква, очекувањата во врска со монодрамата беа дека Твен ќе биде прикажан во негативно светло. Но сосема обратно, се работи за хуманизиран портрет на еден од најславните американски автори, кoj гo спојува најдоброто од она што тој го има напишано, со модерниот сензибилитет на Килмер.Мотивот за тој да го одбере токму овој лик од американската историја е што Твен бил еден од првите стенд-ап комичари во Америка. Работењето на претставата, а сега и на филмот, на актерот му помогнало во борбата против ракот, со чии последици се соочува последниве неколку години.

Дел од претставата/филмот:

 

23 јуни 2017 - 09:58