Уметност од пораки на бездомници

Еден американски уметник, заради сопственото чувство на нелагодност и вина, почнува да ги откупува оние пишувани пораки со кои бездомниците и сиромашните се обраќаат на случајните минувачи. Собрани на куп, тие раскажуваат различни приказни, а некои од нив се обидуваат да бидат и хумористични. 

Уметникот Вили Баронет создава инсталации од пишуваните пораки преку кои бездомниците и оние кои просат молат за храна, пари или некаква друга помош. Тој ги откупува овие знаци уште од 1993, што сега веќе е и негов проект - „Сите сме ние бездомници" - со свој блог, а наскоро ќе биде снимен и документарен филм. Насловот треба да асоцира на тоа дека на сите некогаш во животот ни била, или ќе ни биде потребна помош.

Просечната цена за еден знак која тој ја договара со луѓето е 12 долари, а имало и такви кои знаците ги давале и за 4, но и за 40 долари. Некои од нив ја опишуваат причината за бездомништвото и сиромаштијата, други се директна или индиректна молба, но има и такви кои се обидуваат да ја претстават ситуацијата низ хумор, како „Семејството е нападнато од нинџи, потребна е помош во лекции по карате", „Само дојдов на посета, потребна е помош за враќање на Марс", „Ми фалат уште 98 долари за да ја откупам жена ми“ или „Обама сака промена, и мене добро би ми дошла". Единствен град во САД кадешто ниту еден од знаците не бил хумористичен бил Детроит.

Некои од градовите подобро излегуваат на крај со бездомништвото отколку други. Некаде тие се ставаат вон законот и на сила се отстрануваат од улиците, што според Баронет не е никакво решение. Тој вели дека го започнал проектот заради сопствената нелагодност и чувство на вина, кои го обземале секогаш кога ќе се соочел со бездомник. Сега ова е неговиот начин да им помогне, да ја поттикне генералната свесност за проблемот, и истовремено да потсети, дека некогаш во животот (што би рекле ние - не-дај-боже), секој може да дојде во ваква ситуација.

 

29 јули 2014 - 09:23