Повеќе од 130 американски уметници и критичари потпишале петиција со која повикуваат културните институции да затворат во петок, 20 јануари, на денот на официјалното прогласување на претседател на Доналд Трамп.
Ричард Сера, скулптор-минималист и видео уметник, Џоан Џонас која ги претставуваше САД на Венецијанското биенале во 2015, и Синди Шерман, американска фотографка и режисерка најпозната по нејзините концептуални портрети, се само некои од имињата помеѓу потпишаните, кои бараат затворање на музеи, галерии, концертни сали, ликовни академии и непрофитни институции на спомнатиот датум. Според петицијата ова се прави во знак на протест против „нормализацијата на Трампизмот“.
Сепак, поголемите институции од областа на културата се уште го проценуваат својот потег, а други одлучно го одбиваат. Според раководството на Музејот на современа уметност (МоМА) и регионалниот музеј на уметност на Лос Анѓелес (LACMA), тие нема потреба да затвораат, бидејќи секој ден во годината се обидуваат да ја промовираат својата мисија - инклузија и вреднување на уметнички дела од сите заедници и култури.
И Музејот Витни ќе биде отворен, но ќе спроведе политика на „плати колку што сакаш“ и посебна програма на тој ден, надевајќи се дека на тој начин ќе поттикне посета и дискусија на релевантните теми. Што се однесува до Универзитетите, тие и онака ќе бидат затворени бидејќи се уште трае зимскиот распуст.
Она за што се загрижени голем број културни институции не е денот на инаугурацијата, туку она што ќе следи по него. Со оглед на тоа што нивната мисија често има врска со одбележување на историските но и современите форми на отпор (кон мејнстримот, идеологијата, расизмот и другите начини на маргинализација), тие сега ќе треба да станат поангажирани во промоција на нови видови отпор. Притоа не се мисли на еднодневен штрајк на културните институции, којшто повеќето Американци најверојатно и нема да го забележат.