Ти Боун Барнет и неговата песна од 5000 стихови

За Џозеф Хенри Барнет, попознат како Ти Боун, сме пишувале и претходно, но како продуцент и автор на филмска музика (The Hunger Games, Crazy Heat, O Brother, Where Are Thou? и др.). Но еве го сега со нов албум со сопствена музика, и што е уште поинтересно, сопствени стихови.

Албумот се вика „Невидлива светлина: акустичен простор“, излезе во април 2019, а е прв од замислена трилогија која Ти Боун ја снима со само уште еден тапанар и клавијатурист. Именуван е според песна на Т. С. Елиот. Целата атмосфера ја сочинуваат аморфни електронски звуци кои прават музиката истовремено да звучи и „спејси“ и рокерски. Сепак, она што се случувало при работата не било лепење на стиховите врз музиката туку обратно - стиховите го „содржеле“ нотниот запис, односно музиката е правена согласно нивните рими и ритми.

Барнет, кој денес има 71, три години станувал во 4 наутро и ја пишувал оваа песна од 5000 реда во која според негови зборови веќе постоеле „мелодии-духови“. Самата содржина пак во книжевна смисла ја споредува со поезијата на бит генерацијата, на која смета дека ѝ припаѓа.

Во интервју за Њујорк Тајмс тој го опишува процесот на работа, но и идеите зад проектот кои немаат само врска со поезија и музика, туку со нешто пошироко - имено, со тоа што оставал големи парчиња чист звук (како во песната „Човек без земја (сите податоци се компромитирани)“ која завршува со двеминутна амбиентална позадина, тој сака да укаже на фактот дека електронскиот универзум го има стеснето и фрагментирано нашето внимание. Сакал да создаде временски периоди во кои луѓето само ќе се релаксираат во чист звук без стимулација. Ова тој го нарекува анти-анти-хумана музика. И иако музиката и стиховите асоцираат на опасни и мрачни места, сепак во нив има живот.

„Уметноста мора да биде неодолива. Не може да биде педантна или инструктивна или да проповеда. Се надевам дека сега сум доволно добар за да бидам толкуван како проповедник, туку како некој што само го вклучува алармот“, вели тој на крајот на интервјуто.

Првата песна на албумот, High John

“High John The Conqueror/ Down by the border/ Fording the river/ Walking cross the water/ To the very gate of hell/ Where anyone can buy and sell/ Anything on which one can dwell/ Where the Celebrity in Chief/ Comes to grief.”

29 септември 2020 - 19:54