Интересно

Taпа конференција 2012

Има денови, како овие ноемврискиве, кога имам впечаток дека во градов не се прави ништо друго освен што се оди на конференции. Без оглед на темата, нивните организатори гледаат тие да бидат интересни. Но овие во Лондон трета година по ред гледаат на слушателите да им биде - што поздодевно!

Вчера (недела, 25.11) во Лондон 500 луѓе платија по 20 фунти за да го поминат денот слушајќи серија предавања на крајно банални теми. Се обложуваме дека си поминале подобро отколку на некои од оние „интересните" конференции.

Би помислиле дека за ваква работа не би имало заинтересирани. Погрешно - картите за овогодинешната конференција „пламнаа" за еден ден. Очигледно серијата предавања за релативната висина на славните личности; видот, бојата, географската лоцираност и функцијата на поштенските сандачиња, или временската прогноза и нејзиното влијание врз поморскиот сообраќај и не биле толку здодевни.

Еден од организаторите е Џејмс Ворд, маркетинг менаџер. Тој пред три години ја направил првата ваква конференција, како реакција на откажувањето на Interesting Сonference која сакал да ја организира, но не собрал доволно..хм..заинтересирани. Оваа година тој одржал едно од најздодевните предавања, за автоматите за самонаплата, речиси подеднакво досадно како и исповедта на извесна Лејла Џонстон, која фотографира IBM банкомати низ светот и ги става на Гугл мап. Опсесијата наводно ѝ потекнува од детството, од гратчето Гринок, западна Шкотска, каде имало фабрика на оваа компанија, а на децата им биле давани стари делови од банкоматите за да си играат со нив.

Дури и „шведската маса“ која се служела на паузата е тапа (сецкани а неизлупени краставици, салата од зелка без зачини, крекери и тост леб). Иако очигледно со голема доза на иронија кон оние „сериозните" и „забавните" конференции, целта на Здодевната конференција е да покаже и дека има убавина во секојдневните нешта, кои обично се маргинализираат, па дури и осудуваат. Како на пример - самата здодевност.

26 ноември 2012 - 08:24