
Комплексот Кингсвеј Ексченџ Танелс, лоциран под улицата Хај Холборн во Лондон, се простира на површина од 8.000 квадратни метри и има богата историја: од место за заштита од бомбардирањата на Луфтвафе, преку тајни операции против нацистите, па сè до комуникациски центар во текот на Студената војна.
Сега, по добиена дозвола за целосна реконструкција, тунелите ќе се трансформираат во мултифункционален музеј вреден 220 милиони фунти, планиран да се отвори во 2028 година. Проектот го води компанијата Лондон Танелс, во соработка со британскиот Музеј за воено разузнавање.
Во музејот ќе бидат изложени оригинални артефакти, опрема, оружје и документи поврзани со шпионажата. Посетителите ќе можат да уживаат во интерактивни изложби и дигитални искуства; постојана поставка за историјата на воената интелигенција; изложби инспирирани од Џејмс Бонд и Студената војна итн. Ќе биде отворен и нов бар на најголема длабочина во кој и да е голем град во светот. Британскиот телеком ја презел локацијата во 1980-тите, создавајќи го најдлабокиот бар кој работи со дозвола во светот, за потребите на владините вработени. Стариот објект, декориран во препознатливите бои на некогашниот оператор, кафено, портокалово и жолто, ќе остане на местото, како ретро-споменик, но ќе биде изграден и нов.
Иако првично изградени за заштита од воздушни напади, тунелите никогаш не биле користени за таа цел - биле готови дури во 1942 година. Подоцна служеле како база за креативни и ризични антинацистички мисии на Службите за специјални операции, па како телефонска централа во времето на Студената војна. Се уште постои дури и артериски бунар за питка вода, остаток од подготовките за евентуален нуклеарен напад.
Проектот има за цел да привлече до 3 милиони посетители годишно и да ја оживее оваа историска зона на Лондон, која по пандемијата на Ковид-19 бележи намалена фрекфенција. Повеќе од музеј, овој простор ќе биде импресивен сведок на тајните што ја обликувале историјата и инспирација за нови генерации љубопитни умови.