На Св. Валентин 1989. еден новинар на Би-би-си по телефон го прашува Ружди „како е да се биде осуден на смрт од Ајатолахот Хомеини" и така го информира за настанот кој ќе одбележи голем дел од неговиот живот, минат во постојан страв за него и неговото семејство.
Дури 23 години подоцна, Ружди конечно проговори за овој период, и тоа во автобиографија напишана во трето лице, како да се однесува на некој друг. Џозеф Антон на некој начин и е некој друг, бидејќи тоа е 'кодното' име кое Ружди го користел како свој таен идентитет, комбинација на имињата на неговите омилени колеги - Џозеф Конрад и Антон Чехов.
За човек да остане здрав во паметот и телото во една таква ситуација како на Ружди мора да развие некои стратегии, фитнес, хоби, занимации. Она што тој често го правел е да игра видео игрици, и тоа со Супер Марио.
„Маријана дојде и го караше што игра видео игри", се вели во книгата. „Благодарение на Зафар (синот на Ружди), тој го засака Марио водоводџијата и брат му Луиџи и понекогаш Светот на Супер Марио му изгледаше како весела алтернатива на она што го живееше во остатокот од животот. 'Земи книга да читаш', му рече жена му прекорно. 'Не ми кажувај како да го живеам животот', експлодираше тој, а таа ја тресна вратата зад себе".
Приврзаноста на Ружди кон игриците не завршува кај Марио, туку вклучува сè од Angry Birds до Red Dead Redemption. За него игриве имаат интересни нарации кои не бараат од авторот да ги води за рака играчите низ целата приказна, туку тие самите чекор по чекор ја откриваат и ја градат. „Има куп екскурзии и дигресии во кои може да навлезете, и да најдете подприказни на приказните во кои можете да учествувате, наместо само во големата, макро приказна. Токму тоа ме интересира и мене како раскажувач", изјавил Ружди.
Структурата и начинот на фунционирање на видео игрите на Ружди му беа директна инспирација и во еден од романите. Во „Лука и огнот на животот" е опишан херој - Супер Лука - во поход за освојување на огнот од неговиот татко кој е на умирање. На Лука му се дадени 999 животи за да мине низ серија нивоа кои стануваат сè потешки. За Салман изгледа најтешкото сепак помина.