Авторката Елизабет Свобода вели дека новите сознанија од биологијата и невронауките покажуваат дека комбинацијата на воспитувањето и биолошките предиспозиции влијаат врз алтруистичкото и хероично однесување. Ако е така, тогаш тоа значи дека тој - хероизмот - може да се поттикнува и воспитува, уште од мали нозе.
Според Свобода хероизмот е нешто кое го правиме преземајќи на себе ризици за да му помогнеме некому, а без притоа да очекуваме некаква добивка. Тоа не мора да значи жртвување на сопствениот живот на бојното поле или спасување на некого од пожар - сè додека се залагате за некого ставајќи се во опасност, тоа се квалификува како хероизам. Тоа значи дека во секој од нас има потенцијал за херојски дела, и дека за нив можеме дури и однапред да се подготвуваме, зголемувајќи ги шансите дека би можеле некому да бидеме корисни, доколку тоа биде потребно.
Најголем непријател на хероизмот е „ефектот на гледањето од страна" (bystander effect) или по нашки - сеирот. Експериментите покажале дека колку што повеќе луѓе стојат на страна и набљудуваат одредена несреќа, толку е поголема веројатноста дека никој нема да интервенира. Под мотото „ако никој не реагира, што па јас?" се загушени голем број потенцијално херојски чинови.
Но така луѓето се лишени и од задоволството кое би го почувствувале од нивното добро дело. Кога се донира или кога се волонтира, кога воопшто некому му се помага, мозокот испраќа сигнали исти како да сте победиле во видео игрица или сте имале некое друго пријатно искуство. Тоа ни дава некаква смисла, а токму таа е извор на задоволство. Истовремено, помага ако и самите сте доживеале некаква несреќа - вашето страдање, освен ако сосема не ве утепа, би требало да ве направи посочувствителни кон страдањето на другите.
Она на што повикува Свобода е поголемото ценење на секојдневните, мали чинови на добрина, кои често поминуваат незабележани, наспроти големите херојски дела кои се случуваат само еднаш. И оној кој го посветува целиот свој живот на алтруистички дела е херој, исто како некој Спајдермен од реалниот живот.