Во 1520 Микеланџело бил ангажиран за да направи капела за семејството Медичи во црквата Свети Лоренцо во Фиренца. Неодамна, во склоп на одбележувањето на годишнина од неговото раѓање (6 март 1475) овој споменик е исчистен, но на необичен начин.
Реставраторите осум години мака мачеле со нечистотијата и црнотијата кои се акумулирале низ вековите, додека при крајот на проектот не се сетиле да искористат гел полн со бактерии. Тестирале 11 бактериски соеви на мермер, и се одлучиле за три нетоксични вариетети, Serratia ficaria SH7, Pseudomonas stutzeri CONC11 и Rhodococcus sp. ZONT. Првата бактерија, која предизвикува инфекции на уринарниот тракт, успеала во отстранување нечистотија од гробот за само два дена.
Во најлоша состојба бил саркофагот на Алесадро Медичи, владетел на Фиренца кој бил ненадејно убиен, и затоа закопан во гробницата без да биде препариран, што било обичај во семејството. Ова значело дека со време органските течности од трупот почнале да се прелеваат и да го уништуваат делото на Микеланџело.
Реставрацијата била комплетирана минатата година, а потоа исчистената гробница била презентирана на јавноста на настан организиран од Академијата за уметност на цртањето.
Моника Биети, историчарка на уметност и поранешна раководителка на Музејот на капелата Медичи, која го раководела и проектот, изјавила: „Реставрацијата на едно од најсимболичните места за уметноста бараше знаење, искуство и наука, комбинирани со квалитетите на сензитивноста и интелигенцијата.“ Веројатно тука спаѓа и сензитивноста и интелигенцијата на спомнатите бактерии.