„Сплинтер Сел на Том Кленси“ е серија на видео игри од жанрот акција-авантура. Првата била објавена во 2022, а нивната врска со романите била поддржана од славниот автор. Приказната го следи Сем Фишер, добро обучен агент на фиктивен оддел внатре Националната агенција за разузнавање, наречен „Третиот ешалон“. До 2011 изданијата од истоимената серија се продадени во 31 милион копии (и уште кој знае колку милиони пати се пиратирани).
Ова значи дека играта има широка база фанови кои веројатно би се залепиле за што и да е што има врска со неа. Токму овој факт сега го користи Би-би-си Радио 4, правејќи аудио драма базирана на неа. Насловот е „Сплинтер: Фајервол“ и има осум делови. Повторно главниот протагонист е Сем Фишер, кој продолжува да се прикрадува на воени бази ноќе, тивко убивајќи терористи и генерално спасувајќи го светот.
Сем го игра актерот Андонис Антони, кому комбинацијата на гејминг со аудио драма му се чини многу логична. Сè повеќе луѓе се вртат кон „немузичко аудио“, и ова овозможува раскажување приказни кои нудат „кинематографско искуство“.
Претходното секако се доведува во врска и со подемот на подкастите и аудио-книгите кои ја навикнаа публиката дека за да се доживее некаква приказна таа не мора да биде раскажана низ подвижни слики. Всушност, аудио драми базирани врз игри од франшизи како Асасинс Крид и Биошок и до сега постоеа, но ова е прв пат зад ваков проект да застане голема радиодифузна куќа како Би-би-си, која во ова гледа начин да привлече нова и помлада публика. Видео игрите се инхерентно визуелен медиум, па логично е што високопрофилните прелевања во други медиуми до сега се случуваа на полето на филмот и телевизијата. Но технологија овозможува звучните ефекти од играта сетилно да го вовлечат играчот/слушател во приказната, кој очекува почитување на изворниот материјал но и проширување на искуството кое веќе го имале со играњето.