Скорпио Мартијанус или како да станеш инфлуенсер зборувајќи - латински!

Во време кога „инфлуенсер“ најчесто значи брз и ефемерен дигитален спектакл, појавата на Лук Амадеус Раниери, попознат под неговото „уметничко“ име, делува речиси анахроно. И токму затоа е толку фасцинантна.

Анегдотата, по урнек на оние walks-into-a-bar вицовите, почнува вака - студент по класични јазици влегува во кафана. Внатре има свирка и гужва. Седнува до тинејџер што не го познава. Набрзо сфаќаат дека и двајцата следат еден ист јутјуб инфлуенсер. Не некој фитнес-гуру, не таков што преживува во шума борејќи се со мечки, туку таков што во секојдневниот живот зборува латински!

На прв, ова звучи како интелектуална ексцентричност. Но видеата на Лук Амадеус Раниери, попознат како Скорпио Мартијанус, го рушат токму тој мит: дека латинскиот е „мртов“ јазик. Всушност, како што тој често нагласува, „мртов“ значи само дека не се менува, а не дека не може да се зборува.

Во неговите видеа, латинскиот не е музејски експонат, туку жив медиум - на него тој раскажува приказни, прави преработки на познати хитови, шета низ Њујорк облечен како римски војник, води разговори во живо (што претпоставува дека има и други н'рдови ко него, што можат да прават таков муабет) или чита антички текстови како да се вести од современоста. Леснотијата со која ги прави овие нешта делува нереално, со оглед на тоа што сме навикнати (ако воопшто сме) оној што зборува класични јазици секогаш да има пред себе книга, освен кога изговара некоја пригодна мудрост или здравица. 

Она што Раниери го прави различно не е само содржината, туку методот. Неговиот пристап може да се чита и како критика на традиционалното образование. Наместо табели со деклинации и преводи на едни те исти текстови, тој нуди звук, ритам, глас и контекст. Јазикот, според него, е пред сè аудитивен феномен, а пишувањето само негова деривација. Античките текстови на овој начин се приближуваат преку формати познати од интернет-културата: видеа, стримови, дури и преводи на современи песни. Резултатот е парадоксален - латинскиот, симбол на елитистичко образование, станува достапен и дури забавен.

Каналот на Scorpio Martianus брои стотици видеа и десетици илјади следбеници. Но она што е поважно е типот на влијание што го создава. Тој не нуди лесни одговори, туку бара време и внимание. И токму тоа, парадоксално, го прави релевантен, автентичен и некако „заразен“. Во време кога алгоритмите фаворизираат кратко и сензационално, неговата работа потсетува дека интернетот сè уште може да биде место за знаење.

Погледнето го тука каков ефект има врз младите (а богами и врз професорот) кога упаѓа среде час

6 април 2026 - 15:12